Грците сфатија дека сами си ги вадат очите

Насилството и туризмот не одат заедно. Свесни за тој факт грчките туристички работници, но и политичари со нескриена загриженост ја очекуваат сезоната на летните одмори што, поради длабоката криза во земјата, овој пат има исклучително значење, бидејќи тоа е прилика во празната државна каса да се слее поголемо количество пари што се многу потребни. По обемот на приходите туризмот во Грција е на второ место, веднаш зад бродарството. Станува збор за околу 18 отсто од БДП, а значењето на таа гранка е и во тоа што ангажира околу една петтина од вкупниот број вработени. Со масовните протести против владините остри мерки за штедење, одбележани минатите денови со жестоки судири на полицијата и на демонстрантите, во кои тројца го изгубија животот, во светот се испрати лоша слика за Грција што многу странци, што планираа одморот да го поминат во Грција, ги наведе да ја преиспитаат својата намера, велат аналитичарите. „Сами си ги вадиме очите“, вели претседателот на здружението на грчките туристички организации Јоргос Дракопулос. Туристичката организација во Атина стравува дека повторното насилство може да доведе до откажување на „пакети“ т.е. на групни посети. Министерството за туризам заедно со туристичките организации бараат начини како понудата за ова лето да ја направат атрактивна за странците. (Ек.Р.)


#