Грците не сакаат историски проекти за Македонија
БИТОЛА - Грчките општини не се заинтересирани за реализација на погранични проекти со Македонија што имаат историски предзнак. Веднаш бил отфрлена идејата на пелагониската општина Новаци, преку афирмација на меморијалниот туризам да го ревитализира просторот на Солунскиот фронт. Пограничните грчки општини не го прифатиле проектот со изговор дека може да предизвика нови проблеми со историјата за Солунскиот фронт. Наместо историја и култура, Грците протежираат погранични еколошки проекти. Станува збор за 25 милиони евра, европски пари што треба да бидат подеднакво поделени.
И покрај големите подготовки за афирмација на меморијалниот туризам, Новаци ја изгуби шансата со пари од ИПА 2-фондовите да иницира економски развој на регионот. Суштината на проектот беше дел од фронталната линија на Солунскиот фронт во текот на Првата светска војна, која поминувала од Галичица преку сртовите на планината Баба, продолжувала до Кајмакчалан се' до Беласица, да биде обележана со музејски комплекси. Плановите беа да се ревитализираат бункерите, пештерите и куќите, кои им служеа на војските. Целата приказна требаше да биде зачинета со митови за човечките судбини и настани од Првата светска војна. Најсилниот беше оној за Рудолф Арчибалд Рајс, швајцарски известувач од македонскиот фронт, вљубеник во Македонија, чии срце почива на еден од врвовите на Кајмакчалан.
„Баравме партнер од грчка страна за да аплицираме до европските фондови. Но, градоначалниците го одбија проектот ‘Солунски фронт‘ со изговор дека е можна компромитација на историските факти од наша страна и наметнување на историски факти, кои тие не ги признаваат“, вели Клаудија Лутовска, консултантка за странски донации и инвестиции во пелагониската општина Новаци. Таа додава дека грчките погранични партнери ги наметнуваат проектите што се однесуваат на заштитата на културното богатство преку животната средина.
Васе Бердебе, одговорна на контролното тело на проектот за погранична соработка во Грција, изјави дека политиката нема влијание врз пограничната соработка меѓу двете земји.
„Проблемот со името не предизвикува реперкусии. Ова е програма што се реализира во рамките на Европската комисија. Единствена забелешка е што за проектите од вашата земја се употребува името што е прифатено во сите меѓународни организации“, објасни Бердебе. Според неа, грчката стана била силно заинтересирана за сите погранични проекти.
И министерот за локална самоуправа, Муса Џафери, смета дека кога се работи за екологија и култура политиката нема влијание во соработката со грчките погранични општини. „Заедничкиот секретаријат функционира, но Грција како членка на ЕУ има поважна улога во изборот на проекти од нас. Ние не очекуваме проблеми“, истакна министерот Џафери. (А.Б.) |