Стевчо и Љубе го плашат премиерот

Спомнувањето затворска казна е дежурна тема на митинзите на опозициските партии и од левицата и од десницата

Билјана Јовановска


Стевче Јакимовски, носител на листа на СДСМ во Третата изборна единица, завчера во дебатна емисија на ТВ Алфа најдиректно го прозва премиерот Никола Груевски за зделките поврзани со Националната платежна картичка, најавувајќи дека по 5 јуни, „лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се најде во затворот во Шутка“.

Спомнувањето на затворската казна е дежурна тема и на митинзите на опозициските партии и од левицата и од десницата. Јакимовски и на митингот во Штип, говорејќи за наводниот криминал на актуелната владејачка гарнитура, порача дека сите актери ќе одговараат, директно посочувајќи дека „цела Шутка ќе биде вмровски затвор“. Тој обвини дека само за НПК „криминалот тежи три милиони евра, а оној за ОКТА 3,3 милиони долари“. Љубе Бошковски, пак, секоја вечер од митинзите најавува дека и тој ќе бил благонаклонет кон Груевски: „Од премиерската плата ќе му плаќам топол затворски оброк, исто како што и тој се грижеше за мене додека бев во затворот во Хаг“.

За ваквите обвинувања вчера се обидовме да добиеме коментар од ВМРО-ДПМНЕ, конкретно од Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации, но тој не одговори на ниту еден телефонски повик. Затоа, пак, Стевче Јакимовски и во изјавата за „Утрински весник“ беше директен: „Груевски нема каде да оди. Се' што говорам е документирано, и за Националната платежна картичка и за случајот ОКТА. Неговата директна вмешаност е чиста како солза бидејќи на скандалозните, криминални документи стои неговиот потпис. Се работи за огромни износи пари, а Никола Груевски, кој во тоа време беше министер за финансии, конечно, ќе мора да одговара. Ќе мора да објасни за што тој го употребувал воениот данок во 2001 година кога се случуваше конфликтот и кога ни гинеа луѓе на Карпалак. Исто како што ќе мора да ја појасни целата постапка за трансферот на државни пари, кој е правен преку фирмата на синот на Благородна Дулиќ. Според мои сознанија, иако во случајот нема ништо спорно, целата постапка ја закочи јавниот обвинител“.

Јакимовски нагласува дека СДСМ не се служи со монтировки, како што тоа во континуитет го прави Владата на ВМРО-ДПМНЕ, туку само ќе инсистира да продолжи постапката за предметот што го предаде Антикорупциска комисија во Јавното обвинителство уште во 2005 година.

И тогашниот претседател на Антикорупциска комисија, Драган Малиновски, вчера ни потврди дека за нив случајот бил многу јасен. Ниту еден од членовите на ова тело кога го разгледувале случајот за Националната платежна картичка, како што тврди, немал дилеми дека постојат докази за сторено кривично дело.

Малиновски во телефонски разговор појасни: „Кога го разгледавме овој предмет, поведовме иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актерите што беа поврзани со аферата. Го доставивме целиот предмет во 2005 година и во повеќе наврати баравме, се интересиравме зошто не се постапува по наодите. Тоа беше една од причините за жестокиот судир што го имавме со јавниот обвинител Прчевски, кој не постапуваше според нашите набележани наоди. За нас антикорупционерите ништо не беше спорно, констатиравме злоупотреби по повеќе основи, но најголемите беа направени преку фирмата ’Вистапроцесинг‘ на синот на Благородна Дулиќ. Само за неиспорачаните автомати за платежните картички, откривме финансиски злоупотреби во износ од над три милиони евра што беа префрлени, односно авансно платени со профактура за набавка на банкоматите“, вели Малиновски.


#