12.12.2012, 16:35

Од понеделник Македонија може да остане без греење

„Макпетрол“ за три дена ќе ја стопира испораката на мазут и гас за „Топлификација“ поради долгот од 3 милиони евра

Маја Томиќ


Одговорните на „Макпетрол“ решија да го пуштат гласот во јавноста. Иако поводот беше одбележувањето 65 години од постоењето на компанијата, првиот човек Андреја Јосифовски реши да отвори повеќе прашања во врска со спорот со „Топлификација“.

Јосифовски вчера соопшти дека „Топлификација“ има уште еден ден да си го намири долгот кон нафтената компанија за испорачани мазут и гас што достигна околу 3 милиони евра. Доколку тоа не се случи, в понеделник ќе се стопира целосно испораката на мазут и гас, што автоматски ќе ги остави без топлинска енергија сите потрошувачи, а посебно ќе се одрази катастрофално врз стопанството.

Ова на вчерашната прес-конференција го објави директорот на

„Макпетрол“, Андреја Јосифовски. Тој рече дека на средбата во Владата меѓу него, вицепремиерот Зоран Ставрески, директорот на „Топлификација“ Димитар Хаџимишев, минатата недела, по истата закана што беше испратена до топлинската компанија, двете компании постигнале договор за секојдневна отплата на долгот. Рокот што го поставил „Макпетрол“ за целосна исплата на парите бил 14 декември, но „Топлификација“ не го испочитувала договореното.

„’Топлификација‘ секојдневно враќа по малку од долгот кон нас, односно по околу 200 илјади евра, а во меѓувреме долгот расте затоа што се испорачува мазут и гас и моментов неговата висина изнесува 191,5 милиони денари или околу 3 милиони евра, а до понеделник ќе стаса и 4 милиони евра. Тие пари нема шанси ’Топлификација‘ да ги врати за еден ден, затоа што ги нема. Затоа ние од понеделник ќе ја стопираме испораката. Има и други лиценцирани компании за испорака на гас и на мазут, па нека повели „Топлификација“ нека се снабдува од нив“, предупреди Јосифовски. Тој додаде дека која било фирма евентуално да се согласи да испорачува гас за „Топлификација“, мора да потпише договор со „Макпетрол“, како единствен овластен снабдувач со гас во земјава.

Јосифовски објасни дека не можат да ја толерираат ваквата повеќемесечна состојба со ненавременото плаќање на обврските, затоа што со тоа може да дојде до проблеми со плаќањето кон нивниот партнер „Гаспром“ и до раскинување на соработката. „’Макпетрол’ тоа нема да го дозволи. Ние имаме обврски кон партнерите и кон вработените кои мораме да ги почитуваме“, рече Јосифовски.

Според Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика распиша тендер за нов снабдувач со топлинска енергија, откако „Топлификација“ ги врати лиценците за производство, дистрибуција и снабдување.

„Убеден сум дека Владата и Министерството за економија ќе ја сфатат целата сериозност на ситуацијата и нема да дозволат да дојде до нарушување на снабденоста со топлинска енергија“, изјави тој.

Всушност, недоразбирањата околу наплатата на енергенсите кои настанаа на релација „Топлификација“ -„Макпетрол“, според Јосифовски, се поради многу нерешени прашања меѓу „Топлификација“ и нејзината фирма ќерка „Те-то“. Таа, преку „Балкан енерџи груп“ лани го презела бизнисот со топлинска енергија, откако „Топлификација“ ги врати лиценците до РКЕ. И се' до октомври годинава редовно ги сервисирала плаќањата кон

„Макпетрол“. Но, проблемите со наплата настанале кога „Те-то“ поставил услов Хаџимишев да си замине од функцијата и да се смени составот на Управниот одбор на „Топлификација“. Тоа и било сторено, но неговата оставка не била прифатена, а „Те-то“ го прекинал бизнисот со топлинска енергија и престанал со плаќањата кон „Макпетрол“.

„’Топлификација’ од една страна ги враќа лиценците со што покажува дека не сака повеќе да се занимава со тој бизнис, а од друга страна моли никој да не го преземе“, изјави Јосифовски.

Според него, „Те-то“ и да обезбеди доволни количини на гас, тие ќе бидат наменети за производство на струја, а не на топлинска енергија, се' додека не се расчистат многу прашања.

Спогодбата за „Јужен тек“ е во завршна фаза, „Макпетрол“ негира


Министерот за финансии Зоран Ставрески оцени дека е во завршна фаза разгледувањето на спогодбата за приклучување на Македонија кон гасоводот „Јужен тек“ од руска страна и оти до крајот на јануари идната година треба да добиеме конечен одговор.

„Очекуваме до крајот на јануари идната година да добиеме повратен одговор и да ја потпишеме спогодбата. Тоа ќе овозможи да се спроведат останатите активности, како што се формирање заедничко претпријатие, изградба на кракот кон Македонија“, изјави вчера Ставрески.

Од „Макпетрол“, пак, негираат дека Македонија ќе се приклучи кон гасоводот со крак од соседството.

„Според моите информации и контакти со руски ’Гаспром’, Македонија ќе биде дел од ’Јужен тек’, но не со нов крак, туку преку постојниот гасовод, затоа што ќе бидеме мал потрошувач. За таа цел е потребно само да се изгради уште една компресорска станица во Бугарија со што ќе се зголеми капацитетот и количествата на гасот што ќе се испорачува“, рече директорот на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски, на вчерашната прес-конференција. (М.Т.)