Мислења

Кој има корист го огромните профити

Ден Дончев

Цементарницата „Усје“ остварува огромни профити, дели големи дивиденди и отпушта работници

Завчера владата на Канада донесе одлука да го спречи реализирањето на зделката вредна 40 милијарди американски долари, недозволувајќи преземање на „Поташ корп“ од страна на австралискиот „БХП Билитон“.

Неколку месеци наназад се водеше голема битка меѓу најголемата рударска компанија во светот - австралиската „БХП Билитон“ и најголемата рударска компанија за експлоатација на суровината поташ во светот, канадската „Поташ корп“. Поташ е суровина составена од калиум хлорид што, главно, се користи како основен материјал за производство на вештачко ѓубриво во земјоделството, при што околу 95 проценти од глобалното производство на поташ се користи исклучиво за таа цел. Канадската компанија „Поташ корп“ контролира околу 25 проценти од глобалните резерви на оваа исклучително важна основна суровина. Понудата од „БХП Билитон“ до акционерите на „Поташ корп“ изнесуваше вкупно 40 милијарди американски долари, што претставуваше една од најголемите понуди во историјата за преземање рударска компанија.

Меѓутоа, се случи голем отпор од страна на разни групации и институции во Канада спрема намерата на „БХП Билитон“ да ја купи „Поташ корп“. Причините за отпорот беа различни. Синдикатот на вработените во поташ-индустријата изразија загриженост околу безбедноста на работните места. Одредени лоби-групации изразија загриженост за тоа колку „БХП Билитон“ ќе инвестира во овој сектор во иднина, па дури се разви и сеопфатна општествена дебата за степенот до кој Канада е подготвена да ги продава своите компании на странски инвеститори. Сепак, најголемата дебата се водеше околу фактот дека со продажбата на оваа компанија, значаен природен ресурс се дава во рацете на странска компанија.

Никој не спореше дека понудата од 40 милијарди долари е фер и повеќе од адекватна, имајќи ја предвид сегашната профитабилност на „Поташ корп“. Фактот дека овој значаен природен ресурс, кој го има Канада, би отишол под контрола на странски инвеститор, сепак, беше пресуден момент што ја стави владата на Канада под притисок за да се инволвира во трансакцијата и да пресече дека преку нејзините институцијални можности и да не дозволи реализација на зделката.

Не сакам и не можам да коментирам дали одлуката на канадската влада е исправна или не. Сигурно не била лесна одлука да се одбие влез на странски инвеститор од калибарот на „БХП Билитон“ со 40 милијарди долари странска инвестиција. Впрочем, 40 милијарди долари за Канада претставува три отсто од нејзиното бруто домашно производство и тоа би го постигнала со продажба на само една компанија. Тоа би било еднакво на влез на поединечен инвеститор во Македонија, кој со една трансакција би вложил 200 милиони евра.

Меѓутоа, тоа што овој пример покажува е дека одговорни држави и одговорни влади водат посебна сметка кога е во прашање продажбата на своите природни ресурси. Во случајот на Канада, тамошната влада одби понуда што спрема сите релевантни аналитичари претставувала фер вредност за компанијата „Поташ корп“. Но, владата сметала дека локалната контрола врз оваа стратегиска суровина е многу поважна за државата отколку моментните економски бенефиции што би следеле по приливот од 40 милијарди евра од странската инвестиција.

Овој пример, почитувани читатели, ми е вовед во тоа што моментно се случува во една од најпрофитабилните македонски компании, која, исто така, користи природни ресурси - Цементарница „Усје“. За приватизацијата на оваа компанија, како и за нејзината продажба од страна на вработените и менаџерскиот тим на „Титан“ од Грција сум пишувал неколку пати.

За потсетување, фактите за „Усје“ се следниве: во 1998 година „Титан“ о�� Грција плати 27 милиони евра кон тогашните акционери на Цементарница „Усје“ АД и се стекна со сопственост на 94,84 отсто од акциите на „Усје“. Вкупната добивка на Цементарница „Усје“ АД за 11 години (периодот од 1999 до 2009 година) изнесува најмалку 220 милиони евра; за периодот 1999 до 2009 година вкупната дивиденда исплатена кон „Титан“ од Грција од страна на „Усје“ изнесува фантастични 136 милиони евра; до крајот на 2010 година „Усје“, најверојатно, ќе исплати нова дивиденда од околу 30 милиони евра кон „Титан“, со што вкупната досегашна дивиденда исплатена кон „Титан“ ќе изнесува најмалку 160 милиони евра.

Овој абнормален профит „Усје“ го остварува експлоатирајќи македонски природни ресурси. Основен елемент за производство на цемент е варовникот. Македонија си ги дала своите природни ресурси на странска компанија, но за разлика од канадскиот „Поташ корп“, цената што странскиот инвеститор ја платил ни случајно не може да се нарече дека била фер вредност. Напротив, била една од најглупавите трансакции што воопшто настанале во историјата на Република Македонија. Ама, нели минатото не може да се промени и се' што останува е да се соочиме со последиците и да се бориме за подобра иднина.

Затоа, бев изненаден од неодамнешната посета на премиерот Никола Груевски на „Усје“. Што точно му беше целта на премиерот со оваа посета? Што сакаше да постигне?

Можеби одговорот е дека немал никаква друга цел, освен да биде сликан во работничко одело и заштитен шлем.

Пред неколку дена, во неделникот „Фокус“ излезе шокантна вест дека Цементарница „Усје“ во текот на минатата година отпуштила 180 вработени под изговор дека компанијата е во криза поради глобалната рецесија. За оние вработени што доброволно ја прифатиле понудата од „Усје“ и си заминале сами, нема што да се коментира, бидејќи сами си ја донеле одлуката. Но, од изјавите во медиумите произлегува дека има и значаен број отпуштени работници од „Усје“, кои биле отпуштени против својата волја, со закани и притисоци. Некои од тие вработени денес водат судски спорови против компанијата „Усје“. За да биде трагедијата уште поголема, а со тоа и иронијата при официјалната понуда до вработените за откуп на нивните акции од страна на грчки „Титан“ децидно било напишано дека работните места на сите акционери/вработени се гарантирани се' додека компанијата е профитабилна.

Профитот на „Усје“ во 2009 година изнесуваше 25 милиони евра. Не само што во „Усје“ немаше криза, туку споредено со профитот од 21 милион евра за 2008 година, фактички компанијата имаше поуспешна година. Всушност, исплатената дивиденда од 35 милиони евра кон „Титан“ во 2009 година е најголема потврда дека каква било светска рецесија воопшто не ја погодила „Усје“.

Затоа, време е премиерот повторно да оди и да ја посети „Усје“, но овој пат место да се слика во работничко одело и со заштитен шлем, цврсто да застане во заштита на отпуштените работници од оваа компанија и недвосмислено да бара почитување на тоа што било понудено до акционерите/вработените од страна на „Титан“ во 1998 година.

За жал, Република Македонија нема да може да го следи примерот на Канада во случајот со трагикомичната продажба на „Усје“. Но, најмалку што нашата Влада може денес да направи е да го врати достоинството на оние вработени што против своја волја се отпуштени од „Усје“.

(Авторот е економски аналитичар)


#