Бугарската амбасада се нафрли врз енциклопедијата

Скандалозно „соопштение“ до медиумите лиферуваше вчера бугарската амбасада во Скопје во кое дипломатското претставништво на источниот сосед изразува загриженост, како што се вели, „од издавањето на таканаречената Македонска енциклопедија“.

Амбасадата констатира дека „изданието кое претендира да биде научно е потчинето да исполни краткорочни политичко-пропагандни цели“.

Не е јасно на кој дел од енциклопедијата се однесува или со кој дел не се согласува амбасадата, но веќе во третата реченица Македонија се обвинува дека „како земја која е аспирант за НАТО и за ЕУ користи застарен вокабулар и идеологии од периодот на студената војна“. Ваквиот приод, се вели понатаму во соопштението, не придонесувало за „засилување на добрососедските односи и за елиминирање на ’јазикот на омразата’ – главниот предуслов за Република Македонија на патот на евроатлантските интеграции“.

Во соопштението кое не доаѓа од научна институција, туку од дипломатско-конзуларно претставништво, се вели и дека Бугарија многупати побарала „заедничко и објективно читање на општата историја за двете земји и стриктна научна анализа на историските факти и околности“, но текстовите кои се однесуваат на Бугарија „очигледно не се резултат на такви анализи“.

И албанскиот премиер побара од македонските власти да влијаат врз решавање на проблемот околу содржината на Македонската енциклопедија во однос на делот за Албанците.

Премиерот Бериша на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата во Њујорк го оценил како неприфатливо изданието на Македонската енциклопедија.

Според албанските медиуми, Бериша рекол дека „имајќи предвид дека Академијата е институција на Република Македонија, интервенцијата на високите државни власти со јавен став во врска со овој проблем ќе биде неопходно, поради фактот што никој не може да го нагрдува идентитетот со фалсификување историја“, пренесува дописникот на Макфакс. (Д.Ч.)


#