Рамковски му врати на Груевски: Државни пари за партиски реклами
Од Владата ги демантираат обвинувањата од сопственикот на А1. Случајот ќе се најде пред Обвинителството и Антикорупциска
Александра М. Митевска
Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија се заинтересираа за тврдењата на сопственикот на А1, Велија Рамковски, дека премиерот Никола Груевски ги плаќал рекламите на ВМРО-ДПМНЕ на оваа телевизија со буџетски пари. Од Комисијата за спречување на корупцијата најавија дека ќе го разгледаат случајот, бидејќи станува збор за сериозни обвинувања за, наводно, голема сума пари од државната каса. Сепак, конечната одлука на антикорупционерите ќе зависи од тоа дали случајот ќе го процесуира Обвинителството, од каде што вчера најавија дека понеделнички посериозно ќе им се посветат на тврдењата на Рамковски.
„Дваесет и пет милиони беше хајката, дека ми платил тој, дека на А1 и' платиле 25 милиони. Во три години не се повеќе од четири милиони, а создаваше атмосфера на 25 милиони. Во тие четири милиони имаше и партиски пари од буџетот што ми ги плати, тоа го знае и тој. Не правам јас криминал, тој го правеше криминалот“, ја пренесува А1 изјавата на Рамковски. Според него, ова се случувало во првите три години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ - до средината на 2008 година.
Од Владата соопштија дека најостро ги демантираат тврдењата на Рамковски дека владините реклами биле користени за покривање трошоци поврзани со партиски кампањи.
„Тоа тврдење на Рамковски претставува груба лага и манипулација, чија единствена цел е да направи обид за оттргнување на вниманието на јавноста од она што е фактичка ситуација, а тоа е контролата на државните институции на шест компании лоцирани на иста адреса каде што се наоѓа и А1 телевизија и основаниот сомневање дека тие компании имаат направено сериозно и грубо прекршување на законите“, се наведува во соопштението од Владата. Оттаму велат дека жалат за манипулацијата со јавноста. Сепак, во соопштението нема најави за тужба за клевета против сопственикот на А1 и покрај владините тврдења дека Рамковски „користи најприземни средства и прибегнува кон пласирање бескрупулозни лаги и невистини“. „Оставаме јавноста сама да процени кои се неговите мотиви за тоа“, се посочува во владиното соопштение.
Рамковски во петокот вечерта, во настапот на А1, по бурната четврточна вечер во оваа телевизија, тврдеше: „Должи партијата. Ме замолува, не можам да ти платам, можам да ти платам преку владините пари, преку фактурите од владините пари. Да, неисправно е, вели премиерот, јас да ти платам од буџетот. Па, да ми плати. Сум рекламирал, зашто да не ми плати. Изворот од каде е? Во тоа ќе влезам, еве службите тоа нека го испитуваат. Колку се рекламирала ВМРО - ДПМНЕ на А1“.
Државниот јавен обвинител, Љупчо Шврговски, викендов информираше дека веќе го задолжил скопското Основно обвинителство од денес да го испита случајот. „Веќе е задолжен скопскиот јавен обвинител Зврлевски. Обвинителите ќе ја преслушаат изјавата на Рамковски. Имаше реакции меѓу обвинителите, откако го слушнаа на телевизија тврдењето на Рамковски дека Груевски со пари од Владата му плаќал за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Шврговски за телевизијата Алфа.
Скопскиот јавен обвинител Марко Зврлевски вчера ни изјави дека само бегло ја слушнал изјавата на Рамковски на А1, но дека од денес потемелно ќе му се посвети на случајот и ќе ја преслуша целата изјава. „Тоа е принцип на легалитет, постапување по допрен глас од јавноста. Добро ќе ја преслушаме изјавата и во зависност од нејзината сериозност и од тоа дали Рамковски може да понуди докази за своите тврдења, ќе одлучиме што натаму“, објаснува Зврлевски.
Го контактиравме и претседателот на Антикорупциска, Илми Селами, кој вели дека кога ги слушнал наводите на Рамковски веднаш заклучил дека има елементи за случајот да се најде пред Комисијата. ���Антикорупциската комисија во секој случај ќе го разгледа ова прашање, но во краен случај нашата одлука би била поднесување иницијатива за кривично гонење до Јавното обвинителство. Затоа ќе контактираме со Обвинителството за да не се дуплираме во постапката, доколку тие го процесуираат случајот“, изјави Селами.
Директорот на УЈП, Горан Трајковски, вели дека УЈП може да ги провери А1 и ВМРО-ДПМНЕ како партија, но дека не може да го контролира работењето на Владата, бидејќи за тоа бил надлежен Државниот завод за ревизија. (А.М.М.)
Под лупа документацијата на фирмите од „Перо Наков“ бб
Финансиската полиција, истражен судија и инспектори од УЈП денес ќе ја прегледаат запленетата документација од шесте фирми на улицата „Перо Наков“, кои се на иста адреса со А1 телевизија. Во меѓувреме, се вештачат и запленетите околу 50 компјутери од овие фирми и од нивни управители. Процените на Управата за јавни приходи се дека до крајот на годинава ќе бидат комплетирани записниците за фирмите во кои влегоа инспектори, по што ќе има соодветни правни постапки.
Во текот на неделава УЈП ќе достави решение за затајување данок од околу 96 милиони денари до фирмата „Акстра трејд“, која, како што вчера брифираа од Управата, не им овозможила на даночните инспектори пристап до документите и чии овластени лица не се појавиле на завршниот разговор.
Директорот на УЈП, Горан Трајковски, се пожали дека на инспекторите што биле присутни во фирмите на „Перо Наков“ не им бил понуден ниту еден посериозен документ за да се направи увид во состојбите. „Додека инспекторите беа во објектот на улицата ’Перо Наков’ бил присутен само еден од управителите, кој постојано тврдел дека не знае каде се регистрите. Поради тоа што управителите на шесте фирми одбиваа да соработуваат, бевме принудени да побараме асистенција од Финансиската полиција“, објаснува Трајковски.
Од УЈП информираат дека степенот на ризичност на една фирма е еден од основните критериуми при изборот каде што ќе се врши даночна контрола, но и дека некои фирми влегуваат на листата поради поврзаност со други фирми. Шесте фирми на иста адреса со А1 - печатницата „Мисирков", „Плус продукција" , „Акс-стра" , „Синим" , „Акстра трејд", „Време ЕЧ" и „Плус-ком", биле посочени како ризични според повеќе индикатори. Меѓутоа, до овие фирми довела и верижната контрола. Односно, како што велат од УЈП, прво се контролирало работењето на „МИА Бевериџис", која во еден ден продала седум атрактивни возила, од кои повеќето на фирмата „Плус-ком“. „’МИА Бевериџис, според УЈП, имала забрана да го отуѓува имотот, поради побарувања од неа по основ на неплатен данок“.
„Значи, тргнавме од улицата ’Сава Ковачевиќ’ за да стигнеме до ’Перо Наков’“, вели Трајковски. (А.М.М.)
ВМРО-ДПМНЕ: Велија да одговори дали плаќал данок
ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли и ги нарече лаги и манипулации сите обвинувања упатени од Велија Рамковски, кој, нагласуваат, сака да ја смени темата на дебата од Управата за јавни приходи и контролата во шесте фирми на „Перо Наков“ бб во Скопје.
„Милионерот Рамковски своите лаги, клевети и манипулации овој пат ќе мора да ги докаже на суд. Ако е вистина тоа што го зборувал, зошто досега молчел, туку тоа го кажува кога почнаа инспекциите во фирмите. Кога станува збор за угледот, честа и кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сме го граделе макотрпно, нема да имаме милост“, рече на вчерашната прес – конференција, Сашо Стефаноски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. „Велија треба да даде еден јасен одговор дали плаќал данок и дали преку неговите фирми се извршувало перење на милионски суми“, изјави Стефаноски. (МИА) |