Од изборите остана само вревата

Експертите велат дека кај нас е вообичаено да се прави фама од изборите, а јавноста ги доживува како момент на големи возбудувања

Оливера Војновска


Владејачката партија не ја прифати фрлената ракавица од опозицијата за распуштање на парламентот и барем за извесно време го архивираше прашањето за предвремените избори. Деновиве се крена многу врева и се потроши многу енергија на полемиката дали на Македонија и' требаат уште едни вонредни избори, кои овој пат ги побара СДСМ.

Но, малкумина поверуваа дека социјалдемократите на Бранко Црвенковски во овој момент навистина сакаат ново изборно соочување. Како што малкумина очекуваа дека премиерот Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи на такво нешто, особено откако ДУИ експресно се изјасни и кажа „не“.

Познавачите на нашите политички состојби посочуваат дека и на левицата и на десницата не и' одговараат избори, но темата е погодна за одржување кондиција кај членството и за меѓусебни препукувања. Експертите велат дека кај нас е вообичаено од изборите да се прави фама и добар дел од јавноста ги доживува како момент на големи возбудувања.

Професорот Ѓорѓи Тоновски од Факултетот за правни науки при ФОН е убеден е дека се работи за политичка манипулација. „Опозицијата е слаба и не верувам дека искрено ги побара изборите. Свесни се за популарноста и дека не толку се моќни да ја освојат власта. Се работи за политички маневар и тоа е очекувано во рамките на една политичката борба. Опозицијата не може да молчи, мора да прави нешто за да го сврти вниманието“, вели Тоновски.

Неколку дена се правеше драматика околу ставот на десницата. Се пуштаа дозирани информации дека за ова има поделени мислења и во ВМРО-ДПМНЕ и меѓу помалите партнери од портокаловата коалиција. Сепак, Тоновски е уверен дека премиерот во ниту еден момент не се двоумел за избори, туку само сакал да остави таков впечаток. „Во прашање е политичка игра: еве јас сакам, ама паријата не сака. На ВМРО-ДПМНЕ сега не и' требаат избори. Имаат се' уште непотрошени адути. Сега ќе се даваат концесии за патишта, хидроцентрали. Со неколку вакви зафати може да собираат поени и имаат прилика да кажат дека се дава импулс на економски план“, смета тој.

Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски вели дека опозицијата „барала избори, ама се молела да не ги добие“. Но, и тој не очекувал дека премиерот ќе го прифати барањето за избори. „ По децидната изјава од ДУИ дека не е време за избори, беше јасно дека Груевски нема да се согласи за предвремени избори. Истовремено, премиерот сакаше да му стави до знаење на Црвенковски дека избори ќе има тогаш кога тој ќе сака. Што е многу важно, сега ја очекуваат кредитната линија од ММФ - околу половина милион евра, кои не би сакале да ги изгубат поради изборите“, смета Кекеновски.

Аналитичарот Ибрахим Мехмети вели дека на ДУИ не и' одговараат избори, бидејќи не би имале аргумент за нов мандат. „Не ги остварија целите кои им ги ветија на избирачите: НАТО и ЕУ. Така што, ДУИ не ќе имаше што да понуди, ќе мораше да се правда дека не е виновна за стагнацијата во евроатлантските процеси. На ВМРО-ДПМНЕ пак, и' одговара да продолжи оваа ситуција. Анкетите покажуваат дека Македонците не ја осудуваат политиката на ненапредување во НАТО и ЕУ. Поголемиот дел од јавноста го подржува ставот да не се менува името за влез во ЕУ и НАТО“, смета Мехмети. Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ има прилично стабилни позиции, па и да се решела за избори, можело да изгубат некој пратеник, но не и власта.


#