25.10.2012, 18:14 ЕУ се обедини околу враќањето на визите
Вчера во Луксембург се одржа расправа околу проблемот со лажните азиланти од Македонија и Србија И Велика Британија, која не е дел од азилантската политика на ЕУ и шенген-режимот, им се придружи на земјите кои бараат враќање на визите. Одлука се очекува во февруари
Слободанка Јовановска
Листата на земји што бараат механизам за враќање на визите драматично се проширува и вчера на најгласните шест им се приклучија уште две - Франција и Велика Британија. Со тоа сите моќни и влијателни земји членки на ЕУ застанаа зад барањето да им се даде „европски одговор“ на лажните азилантите, односно да се воведе што побрзо заштитен механизам, наречен во ЕУ жаргон „безбедносна клаузула“, за да може на одреден рок и по итна постапка да се враќаат визите.
Иако одлуката вчера не беше донесена, и реално нема таква најава бидејќи таа е заглавена во Европскиот парламент кој исто така треба да даде мислење, со толку земји што ја туркаат, нема шанси да не пројде, според најавите, веќе во февруари идната година. Вчера министрите практично го притиснаа Европскиот парламент да го одобри механизмот што побргу, а некои од нив најавија и дополнителни мерки кои треба да помогнат враќањето на визите сепак да не се случи.
Заменикот на германскиот министер за одбрана Оле Шредер, кој учествуваше на состанокот на министрите за правда и внатрешни работи во Луксембург, најави дека Германија планира да ги стави Србија и Македонија на листата на безбедни земји, што значи дека барањата на нашите азиланти ќе бидат разгледувани по итна постапка и речиси автоматски одбивани, бидејќи овој статус значи дека се земји без политички и друг прогон и дискриминација. Германија исто така размислува за намалување на паричната помош за азилантите, нешто што како можност го усвоија вчера министрите на состанокот, како и да им понуди помош на Србија и Македонија, па ако и тоа не даде резултат- да ги врати визите.
Дека проблемот се вжештува потврдија и интервјуата што министрите за внатрешни работи на Франција и на Германија ги дадоа вчера за водечките весници во своите земји, очигледно синхронизирано, и во кои и двајцата бараат заеднички одговор на Брисел околу зголемениот број баратели на азил од регионот.
„Нашите две земји се изложени на загрижувачки феномен: прилив на баратели на азил од земјите кои од неодамна уживаат безвизен режим. Нивните граѓани можат слободно да влезат во Шенген просторот. Овај прилив на баратели на азил, често неосновани, го загрозуваат нашиот национален систем за азил“, стои во интервјуто на францускиот министер Мануел Валс.
„Механизмите за кои ќе одлучиме во рамките на Европскиот Совет ќе треба да бидат спроведени на дело, посебно суспензијата на безвизниот режим. Тоа е нашата јасна порака која им ја испраќаме на Србија и Македонија, ако нема резултат од понудената помош. Ние бараме овие две земји да учествуваат во решавањето на проблемот“, порачал германскиот министер Ханс Петер-Фридриш. Ним им се придружија министрите на Шведска, Австрија, Холандија, Белгија, Луксембург, па и Велика Британија која воопшто не е дел од азилантската политика на ЕУ, што само е сигнал колку е силно лобирањето за промена на регулативите за безвизен режим. Од Лондон се тврди дека и тие го чувствуваат проблемот со преголемиот број барања азил на наши граѓани во ЕУ.
Европската комисија, пак, презентирајќи го извештајот за ефектите од безвизниот режим, остана на ставот дека Србија, Македонија и другите земји прават напори да запре азилантскиот бран, дека најголемиот број патници од нашите земји не го злоупотребуваат ова право и дека големиот број азиланти се должи, меѓу другото, и на финансиските бенефиции што ги добиваат - индиректно сугерирајќи дека и во земјите членки лежи дел од проблемот.
Инаку, острите изјави на германскиот министер наидоа на критика од Социјалдемократите и Зелените кои сметаат дека Фридрих не покажува никаква чувствителност кон ромската заедница.
„Изјавите на Фридрих покажуваат технократска студеност кон најсиромашните“, оценил пратеникот на Зелените, Фолкер Бек, а портпаролот за внатрешна политика на СПД, Рудигер Фајт рекол дека „Фридрих води предизборна битка на грбот на српските и македонските азиланти, мнозинството од нив Роми“. |