Ни анонимките не помагаат да се пронајде малата Ангела

Во МВР примиле седум анонимни пријави околу судбината на Ангела, но сите биле неточни

Изминува шестата недела откако шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска исчезна во своето родно село Дуње. Веќе четириесет дена нема никаква трага од малото девојче со костенлива коса и кафеави очи. Нејзината фотографија, основните генералии и апелот за помош и натаму стојат на Интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и на граничните премини од земјава, а за случајот знаат и инспекторите на Интерпол. Но, напредок во истрагата нема.

Интересот за исчезнатата Ангела, која денеска како првоодделенка требаше да тргне на училиште во Прилеп, не стивнува. На улиците се шират разни гласишта околу судбината на малото девојче. Анонимни јавувања и писма во кои се наведува кој го грабнал и каде го одвел девојчето пристигнуваат и во редакциите на весниците, но и во полицијата. Во МВР велат дека досега примиле седум анонимни дојави, но дека сите се покажале како неточни.

„МВР ги проверува сите информации и шпекулации кои по различни патишта стигнале до нас. За жал, досега не успеавме да потврдиме дека некоја анонимна дојава е релевантна“, велат во полицијата.

Најчеста шпекулација што се прошири во јавноста е дека девојчето било грабнато и однесено во едно село во западниот дел од земјава. Граѓаните шпекулираат и за други сценарија, но во полицијата објаснуваат дека засега нема ништо поконкретно во истрагата.

„Истрагата не е запрена, продолжуваме да работиме на случајот“, уверуваат во МВР.

Шестгодишната Ангела Ѓорѓиеска исчезна на 23 јули околу пладне. Со својата 20-годишна братучетка била на гости на другиот крај од селото од нивната куќа оддалечен околу 7-8 минути пеш. Кога и' здодеале гостите, сакала да си замине дома. Братучетката останала, а Ангела тргнала сама да си оди. Оттогаш и' се губи трагата.

Во потрагата по Ангела учествуваат најобучениот кадар и опрема на полицијата. Полициските хеликоптери го чешлаа цело Мариово, се испразнија сите бунари во селото, се провери секоја куќа, а на распит беа повикани десетици луѓе, меѓу кои и блиски на девојчето. (Г.А.)


#