„Скопје 2014“ и светските берзи ни донесоа висок раст на БДП
За да може Македонија да има стабилен раст на долг рок, мора да се зголемат инвестициите и да се дисперзира извозната структура
Соња Маџовска
Неколку градежни фирми, металната индустрија и рударството ја кренаа слабата македонска економија на нозе. Градежништвото се офајди од проектот „Скопје 2014“ и од другите јавни објекти што ги финансира Владата, а нив ги градат само неколку градежни компании, додека растот во индустријата се должи на зголемената побарувачка на нашите производи на странските пазари, како и на растот на цените на металните производи на светските берзи. Статистика објави дека стапката на пораст на домашниот бруто-производ во првото тримесечје од 2011 година изнесува 5,1 отсто. Сите се надеваа, ама никој не веруваше дека може да се оствари овој висок економски раст. Според експертите, тој се должи, пред се', на ниската споредбена база со истиот период од лани, кога домашниот бруто-производ беше во минус од 0,9 проценти. „Високиот раст, очигледно, ја изненади и самата Влада. Тој се должи на два фактора. Споредбената основа со лани, која беше многу ниска, и затоа сега резултатите се многу високи за растот на БДП, ама затоа ќе биде висока споредбената база во 2012 година. А втората причина е високиот раст на градежништвото и на индустријата, поради високиот обем на јавни работи што ги финансира Владата (изградба на спортски игралишта, споменици и други административни објекти), и од друга страна растот на извозните цени на нашите производи, пред се', металните. Ваквиот раст не е на стабилни основи, затоа што се должи на привремените владини активности во врска со градежните работи и цените на металите на светските пазари. За да може Македонија да има стабилен раст од околу 5 отсто, на долг рок, мора да се зголеми инвестициската активност и да се дисперзира извозната структура на економијата. Во друг случај ние постојано ќе имаме раст, висок или низок, кој зависи од екстерни фактори, а не од сопствените активности“, објаснува Никола Поповски, поранешен министер за финансии, сега професор на Европскиот универзитет. Според експертите, рано е да се каже, како ќе се движи економијата до крајот на годинава, бидејќи постои опасност од грчката криза.
Инаку, во првите три месеци Статистиката регистрираше најголем раст во градежниот сектор од 21,2 отсто и во секторите вадење руди и камен. По нив следуваат преработувачката индустрија и снабдувањето со електрична енергија, гас и вода, со 13,7 проценти. Од Статистика велат дека финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во споредба со првите три месеци од 2010 година, номинално пораснала за 7,5 проценти, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 76,9 отсто.
Во истиот период, и извозот на стоки и услуги забележал зголемување во износ од 40,5 отсто, но и увозот пораснал за 43,6 проценти.
Дел од компаниите што во првите месеци од годинава рекордно го кренале индустриското производство се „Џонсон контролс“, „Весна сап“, Фабриката за кабли од Неготино, „Раде Кончар“, „Леов“, „Динамо“, „Металец“ од Битола, „Ваб-тек“, „ИГМ Кавадарци“. Од градежните компании водат двете фирми со предзнак „Бетон“, едната од Скопје, другата од Штип. Кај нив тоа се регистрира и преку драматичниот раст на добивките. И двете фирми се со различни газди, но заедничко им е тоа што и двете бележат одлични резултати. „Бетон“ Штип забележа неверојатен раст на добивката од дури 1.700 проценти, а „Бетон“ Скопје ја зголемил добивката за 250 отсто. Голем дел од добивката и од приходите на двете градежни фирми доаѓаат од проектот „Скопје 2014“, во која се најмногу ангажирани.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, охрабрен од податоците во првото тримесечје за растот на БДП, од 5,1 отсто, најави дека македонскиот БДП во 2012 година ќе се зголеми за 4,5 отсто, а оваа година би требало да ја завршиме со економски раст од 3,5 отсто. „Економијата во Македонија следната година ќе оди во нагорна линија за 4,5 проценти врз основа на зголемениот извоз и инвестиции, што ќе биде и зголемување на растот од најмалку 3,5 проценти во 2011 година“, оцени Ставрески во изјавата за новинската агенција „Ројтерс“. Тој очекува буџетскиот дефицит наредната година да се намали од 2,5 на 2,2 отсто од домашниот бруто-производ.
Ставрески смета дека извозот во 2011 година ќе се зголеми за 20-30 проценти како резултат на високите цени во металната индустрија, која е една од најважните сектори за извоз во Македонија, како и преку пласман на нови пазари, како во поранешните држави на Советскиот Сојуз, Северна Африка и Блискиот Исток. |