Штом молчат министрите, ќе царуваат шпекулациите

Зошто политичарите избегнуваат да одговараат
на новинарски прашања

Светлана Унковска


„Ве молам, ова е тематска конференција и поставувајте прашања само за темата за која е свикана прес-конференцијата“. Ова е најчест одговор на голем дел од актуелните министри, но и функционери од пониските ешалони, кои на ваков начин одбегнуваат да одговараат на поставени новинарски прашања. Најсвеж пример за тоа е министерот за правда, Михајло Маневски, кој на последната прес-конференција не дозволи никакви други прашања освен за намалувањето на цените на извршителите!?

Иако Владата во почетокот на својот мандат најави голема транспарентност и соработка со медиумите, нејзините претставници сега го покажуваат токму спротивното. Зошто владините функционери не сакаат да се соочат со прашањата на новинарите, дали се плашат од незгодни прашања, дали постои страв како ќе се одговори, па затоа е најлесно да се исчита тоа што претходно го подготвило кабинетот или намерата е преку игнорирање да се деградира новинарската фела?

И можеби не е толку тешко да се сфати зошто министрите се однесуваат така, колку што е тешко да се разбере инфериорноста на новинарите. Се' додека тие премолчуваат и не се спротивставуваат на ваквиот некоректен однос на политичарите, се' дотогаш ќе има само прес-конференции на кои министрите или портпаролите ќе диктираат какви прашања да им се поставуваат и што ќе соопштат тие.

Размислувањата на јавноста се во правец на тоа дека затвореноста на власта расте пропорционално со падот на довербата на граѓаните кон неа и поради стравот новинарските прашања да не предизвикаат уште поголемо опаѓање на рејтингот.

Владиниот портпарол Мартин Мартиновски вели дека не станува збор за некакво правило, туку само за ретки случаи кога министрите сакале да стават поголем акцент на темата.

„Во Владата нема таков став и не постои режим како да се однесуваат министрите. Мислам дека тоа се ретки случаи. Во најголем дел министрите одговараат на новинарските прашања, но се разбира дека има исклучоци и тоа кога се сака во јавноста повеќе да се потенцира одредена тема. Тоа е право на процена, секој министер самиот одлучува. Односно, членовите на Владата немаат добиено никаква генерална насока како да се однесуваат. Еве премиерот секогаш одговара на прашањата на новинарите“, вели Мартиновски.

ОД ЗНМ велат дека функционерите треба да одговараат на прашања на новинарите, но истовремено повикуваат и на нивна професионалност.

„Носителите на јавни функции треба да бидат достапни за сите прашања на новинарите. Тие трошат јавни пари и мора да дадат отчет на јавноста, а не да се кријат зад тематски прес-конференции. Со тоа тие ги избегнуваат непријатните прашања од новинарите. Но, мора и да сме самокритични дека некои од тие настани известуваат неодговорно и непрофесионално. Новинарите имаат право да прашуваат се', но тоа секогаш треба да биде во согласност со интересот на јавноста и да биде точно и објективно“, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Според експертската и политичката јавност, ова е одраз на нетранспарентниот начин на функционирање на оваа Влада. Поранешниот премиер Владо Бучковски беше еден од најтранспарентните и најдостапни за новинарите. Тој и кога беше премиер многу лесно можеше да се добие лично на мобилен телефон. Бучковски и сега вели дека челниците на власта мора да дадат отчет за секое прашање што ги засега граѓаните.

„Во едно автократско владеење логично е министрите само да кимаат со глава пред премиерот и да излегуваат на прес-конференции со однапред напишани текстови од кабинетот и од лица што ја формираат пи-ар стратегијата. Нема индивидуи што покажуваат колку владеат со ресорот, се соочуваат со сите проблеми или, пак, мислат со своја глава. Првиот човек на Владата и министрите од неговиот кабинет им служат на граѓаните и тие мора да бидат достапни за секое прашање што е во интерес на јавноста“, вели Бучковски.

Комуникологот Петар Арсовски оценува дека избегнувањето на новинарските прашања е синдром на Владата, која одбегнува да се соочува со одговорноста.

„Ова, генерално, е индикација дека не сакаат да се говори за прашања што не им се допаѓаат. Оваа Влада во почетокот најави многу отворена медиумска политика, која сега почнува да се претвора во пропаганда, односно во она што тие сакаат да го соопштат. Секако дека е проблем што не одговараат на автентични прашања од новинарите. Тоа веќе не е прес-конференција, туку претстава. Тоа е одлика на секоја популистичка влада кога ќе почне да и' паѓа рејтингот. Таа станува се' поинтровертна и бега од јавноста“, оценува Арсовски. Тој смета дека и ова е еден вид цензура, а медиумскиот простор дополнително се контролира и со тоа што се прави селекција на тоа што и на кои медиуми сакаат да го пласираат.

Во такви околности претставниците на седмата сила се доведени во една неповолна ситуација кога се оневозможени нормално да функционираат. Бучковски и Арсовски сметаат дека новинарите не смеат да гледаат на овие состојби без притоа да реагираат. Потсетуваат на моментот од пред неколку години кога новинарите, како ретко некогаш беа единствени и револтирано ги спуштија камерите во моментот кога премиерот Никола Груевски се појави во салата на Владата на прес-конференцијата по речиси еден час доцнење, што не му беше прв пат. (Св.У.)



 


#