04.10.2011, 18:38 Кацин: Чест е да те наречат непријател на Македонија
Според него, измамата на јавноста во Македонија ги надминува сите граници, при што целата нација се воведува во илузија и во еуфорија
„Навидум бизарно, но денес е чест да те оквалификуваат како непријател на Македонија, оти луѓето во земјава, што ги гледаат работите какви што се, согледуваат дека ние само правиме напори да помогнаме“, ова го вели европратеникот од Словенија Јелко Кацин во интервју за порталот „Балкан инсајт“. Тој смета дека Македонија ја провоцира Грција, оти премиерот Никола Груевски покажува дека не сака напредок во проблемот со името и дека е алармантна состојбата со притисоците врз медиумите.
Запрашан како ја гледа Македонија, сега, во поглед на влегувањето во НАТО и во ЕУ, Кацин вели дека од 2005 година, кога Македонија доби статус на кандидат за влез во ЕУ, има комплетна стагнација и други враќања назад, односно дека од таа година Македонија уназадувала во човековите права, во слободата на говорот, во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
- Дури и земјава, хипотетички, да го реши проблемот со името сега, би и' требало најмалку една година за да се елиминира говорот на омраза и популистичкиот пристап, и да може да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Режимот на Груевски стори се' за да ја продолжи изолацијата на земјата и да го продолжи овој статус кво со создавање и со измислување непријатели, главно меѓу соседните земји, вели Кацин.
Според него, измамата на јавноста во Македонија ги надминува сите граници, при што целата нација се воведува во илузија и во еуфорија, односно еден вид аутистично живеење што нема врска со реалноста, за што го посочи како пример инцидентот во ЕП. |