Кога лидерите се глупираат

Никита Хрушчов извади чевел, Јасер Арафат се појави со пиштол на говорницата

Секој септември во Њујорк се среќаваат највисоките државници од целиот свет. Годинешното заседание го води поранешниот швајцарски министер за економија и надворешни работи, Јозеф Дајс. А, се' започна пред речиси 65 години. Во јануари 1945 година свежоизбраниот претседател на првото Генерално собрание на ОН, Пол Анри Спак, говореше пред делегатите. Тогаш беа многу помалку од денес, вкупно 51 држава-основач се собраа на првата генерална дебата во Лондон.

Во меѓувреме, бројот на земји-членки се зголеми на 192, а од 1951 година седиштето на ОН е во Њујорк. На говорницата пред зелениот мермер говореле голем број државници, кралицата, папата...

Во седиштето на ОН биле изнесени многу визии, закани, но и многу предупредувања, како ова од Џон Кенеди:

„Човештвото мора да им стави крај на војните или тие ќе му стават крај на човештвото. Тоа или ќе расте и ќе се справува со предизвиците на нашето време, или ќе им подлегне на ветриштата и ќе остане без никакво влијание, моќ и почит“.

Други, пак, не се ограничија само на говорење за целосно да ги изразат своите ставови. Никита Хрушчов за време на говорот во 1960 година го собу чевелот и почна да тропа со него по говорницата.

Јасер Арафат, еден од најголемите палестински државници и херои, за време на дебатата околу палестинските области во 1974 година пред аудотироиумот во ОН се појави со палестинска шамија и со пиштол на појасот.

Уште еден момент, кој ќе остане во сеќавање, е говорот на венецуелскиот претседател Хуго Чавез. Пред зелениот мермер во салата на Генералното собрание тој рече:

„Ѓаволот е во зградава, вистинскиот ѓавол. А вчера тој беше овде“, притоа мислејќи на тогашниот американски претседател Џорџ Буш.

Минатата година, пак, пред делегатите на ОН говореше либискиот претседател Моамер Гадафи, првпат по неговото доаѓање на власт пред 40 години. Неговиот говор траеше толку долго, како да сакаше да го надополни загубеното од изминатите години. Повеќе од еден и пол час Гадафи ги критикуваше ОН, буквално ја плукаше Повелбата за човековите права, а Советот за безбедност го нарече „терористички совет“.

Омилената тема на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, пак, е антисемитизмот. Неговите говори во ОН се најчесто насочени против Евреите, поради што голем број делегати обично ја напуштаат салата.

По ваквите говори, човек копнее по мудри зборови, како тие на Вили Брант: „Разумот ќе победи, доколку еден ден сите држави и региони заеднички живеат и работат, според принципите на ОН“, велеше тој. (Дојче веле)


#