Поглед

Рамковски како Груевски

Мирче Јовановски

Гледачите, кои викендов ја следеа програмата на приватната телевизија со национална концесија А1, се' повеќе имаат чувство дека залутале на фреквенцијата на националниот радиодифузен сервис.

Малку, малку, па ете го настапот на сопствениот на А1, Велија Рамковски, во дебатна емисија, посветена на настаните што ја преокупираа, но и ја поделија македонската јавност, за вистинските намери на даночната инспекција и на полицијата на „Перо Наков“ бб.

Накусо, постојаното репризирање на настапот на Рамковски потсетува на сличните репризи на долгоминутажниот отчет што го имаше премиерот Никола Груевски за работата на Владата, или на отворените владини седници.

Мала е утехата за оние што со нетрпение го чекаат продолжението на популарните турски сапуници, како замена да ги добиваат изблиците на искреност на Рамковски за злоупотребите на власта, згора кажани на чудна мешавина на нелитературен македонски јазик, со еден куп српски зборови.

Повторувањето е мајка на знаењето, или начин на перење на мозокот, зависи како се гледа на работите и каква е намената на таквите злоупотреби на радиодифузерите.

Очигледно, ваквиот однос е само уште една потврда на мешањето на поимот сопственост и дејност, што кај нас често добива искривени, дури и карикатурални димензии.

Па, така, Владата, која се чувствува како газда на МТВ, мисли дека може да прави што сака со јавниот сервис. Рамковски, пак, фреквенцијата за која има концесија, смета дека е негова лична сопственост.

Но, што е со програмската шема, со обврските кон гледачите?


#