На втор кат не може со високи штикли!

Горната платформа ќе биде висока само 1,70 метри. Качувањето на него ќе биде грбечки

Снежана Калабакова


Жените со високи потпетици и мажите што пораснале над 1,70 метри не ќе можат да се возат на горниот кат од двокатните автобуси, бидејќи тој има висина од само 1,60 метри. Тоа значи дека повисоките луѓе не треба да се радуваат на доаѓањето на двокатните автобуси од кинеската компанија „Јутонг“.

Тие ќе мора однапред да си ја избришат фантазијата дека ќе се возат на високата платформа, бидејќи за такво нешто ќе треба грбечки да влегуваат, а мешечки да излегуваат. Кој ќе може тогаш да го користи вториот кат од автобусите и зошто воопшто имаше потреба од него ако неговата употреба е ограничена само на одреден број луѓе. За кого се наменети автобусите, за џуџиња?

За министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој завчера се врати од Женгжоу, Кина, каде што отиде да го види прототипот на вонсерискиот двокатен автобус со ретродизајн, висината не претставува проблем. Како што рече, патниците нема да стојат на горниот кат од автобусите, оти тој е наменет само за седење за да не се наруши стабилноста на возилото.

И во Лондон, каде што има најмногу двокатни автобуси, не смее да се стои на втората платформа, туку само да се седи, но тамошните автобуси се повисоки. Висината на втората платформа е 190 сантиметри. Сосема доволно еден натпросечно висок човек да оди меѓу седиштата.

Министерот го бендиса автобусот откако ја виде првичната верзија и направи сефте возење со прототипот во кругот на кинеската фабрика задолжена да произведе 202 автобуса. Ниту вчера не рече дека автобусите имаат мана, иако му беше поставено прашање што мисли за малата висина на горниот кат од само 160 сантиметри.

„Граѓаните прво треба да ги видат автобусите, а потоа да коментираат. Горниот кат ќе биде 1,70 метри, не 1,60 и патниците што ќе се возат ќе можат само да седат, бидејќи ако стојат, автобусот нема да биде стабилен. Долниот кат е повисок, има 1,90 метри и тој е за стоење. Автобусите ги исполнуваат сите ЕУ-стандарди“, објасни вчера Јанакиески.

Тој додаде дека новите кинески автобуси поради висината, нема да имаат проблем со поминувањето по сообраќајниците каде што има надвозници. Единствен проблем, како што кажа, е постојката во ГТЦ, но за да не влегуваат возилата таму, ќе биде сменета местоположбата само на таа постојка.

Првиот прототип на двокатен автобус, карактеристичен за автобусите што возеле по скопските улици во 50-тите години, има вкупно 60 седишта и 20 места за стоење. На горниот кат има 39 столчиња.

Зделката со „Јутонг“ ќе ја чини Македонија приближно 40 милиони евра. Главното прашање е колку ќе биде исплатлива инвестицијата ако половина скопјани нема да можат да се возат во новите двокатни автобуси.


#