05.03.2012, 17:02 Галиите во Вардар се „креација“ на фризерот од „Диор“
Градоначалникот Трајановски нема намера да се откаже од сплавовите, иако во јавноста досега немало толку негативни реакции за некој нов објект
Деспина Трајковска
Познат скопски фризер е идејниот творец на изгледот на сплавовите што ќе се градат во Вардар. Основач на фирмата „Фаланга“, која го предложи идејното решение за двата сплава, е Давор Андреевски, сопственик на фризерското студио „Диор“. Бродовите-сплавови, дефинитивно, ќе се закотват и ќе станат реалност за скопјани наспроти сите негативни реакции во јавноста околу нивниот изглед. Стереотипот, како што градоначалникот Коце Трајановски ги карактеризира, сплавовите кои постојат на многу реки низ Европа, во Скопје ќе се разбивал со изградба на галии.
Градоначалникот воопшто не размислува да се откаже од прифатените идејни решенија. Напротив, едвај чекал да се изградат. Вели воодушевен е од предлозите на инвеститорот „Фаланга ДИМ“, исто како и граѓаните со кои до сега разговарал на оваа тема. Дури го прашувале кога ќе бидат готови оти сакале на нив да слават родендени.
„Мене ми се допаѓаат. Многу граѓани уште отсега ме прашуваат кога ќе бидат готови, бидејќи сакаат да слават роденден таму. И јас би го славел таму роденденот. Нормално е дека има реакции. Граѓаните често реагираат за новите градби, па откако ќе ги реализираме, ги прифаќаат. Така беше и со плажите. Доколку градевме класични сплавови, ќе беше стереотип. Со овој изглед ќе добиеме една нова насока на развој на градот“, коментираше вчера Трајановски.
Тој не можеше да каже кога двата брода-сплава ќе бидат изградени, бидејќи допрва со инвеститорот ќе треба да го потпишат договорот за соработка со кој ќе се утврдат термините за реализација. Сепак, искрено се надева дека се' ќе заврши за кусо време.
„Ако не ова лето, в година сигурно ќе бидат готови“, рече градоначалникот и најави дека Градот Скопје допрва ќе одлучува дали ќе распише оглас за заинтересиран инвеститор за преостанатите два сплава што се предвидени од другата страна на Вардар, едниот пред старо-новиот Театар, а другиот пред планираната Колонада.
Инаку, двата брода на „Фаланга ДИМ“ ќе се постават во Вардар од страната на плоштадот „Македонија“, едниот пред МЕПСО, а другиот спроти новата зграда на МНР. За првиот, инвеститорот понуди да плаќа месечна кирија од 1.050 евра, а за другиот 1.250. Негова обврска ќе биде да ги изгради сплавовите и да плаќа кирија, додека Градот за возврат ќе му дозволи да стопанисува со нив во период 10 години и тоа исклучиво со намена за угостителска дејност. Во меѓувреме, градските власти ќе треба за двата сплава да ја изградат потребната инфраструктура, канализациската мрежа, да спроведат струја... За таа намена, Градот уште од ланскиот буџет предвиде да потроши 150.000 евра. „Фаланга ДИМ“ е сопственик на фризерско-козметичко студио
Основач на фирмата „Фаланга ДИМ“, која ќе стопанисува со двете галии во наредните 10 години, е Давор Андреевски, газда на познатото скопско фризерско-козметичкото студио „Диор“. Тој, барем досега, не се занимавал со угостителска дејност. Што планира точно да отвора на сплавовите, дали кафуле, ресторан или друг тип угостителски објект, ќе информирал за неколку дена. Со образложение дека е во странство, Андреевски најави дека за деталите околу сплавовите ќе ја информира јавноста кога ќе се врател во државава. (Дс.Т.)
|