Ќе го соблече ли Иванов туѓиот костум?

Иванов изјавуваше: „Човекот ја прави институцијата“, но во изминатите 16 месеци не се забележа сјајот на неговата ѕвезда

Оливера Војновска



Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, е во Њујорк каде што треба да настапи пред Генералното собрание на Обединетите нации. Само некако е збунувачка неговата улога во Њујорк кога се знае дека тој, практично, го менува премиерот и лидер на десницата, Никола Груевски. Па, онака облечен во туѓиот костум, можеби, дури ќе го има пред себе и текстот од обраќањето подготвен за Груевски. Кој, пак, приоритет му даде на еден друг настан - бизнис-форум за глобални прашања во Чикаго.

Иванов во финалето на изборите во моментите кога му беше на дофат највисоката функција во државата, изјавуваше: „Човекот ја прави институцијата“. Ја убедуваше јавноста, но како и самиот да се храбреше дека ќе успее да изгради сопствен, специфичен политички профил. Наспроти тие надежи, досега тој не остави личен печат на позицијата на која дојде како непартиски човек и благодарение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. И иако самиот вели дека не е поклопен од сенката на премиерот, сепак, во изминативе 16 месеци од претседателскиот мандат не можеше да се забележи сјајот на неговата ѕвезда. Зошто е тоа така и каков скок треба да направи Иванов за да стане забележителен и на домашната политичка арена и на меѓународен план?

Претседателскиот кандидат, професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Љубомир Фрчкоски, смета дека Иванов е една несреќна политичка фигура.

„Тој добро знае дека за неговото доаѓање на функцијата премногу и' должи на ВМРО-ДПМНЕ и нема што друго да направи освен да спроведува наредби. Неговите чизми се му се толку големи што дури и самиот е свесен дека е ’мачорот в чизми’ . Тажна, многу тажна е неговата слика“, вели Фрчкоски со доза на сожалување. Воопшто не верува дека Иванов ќе има сила да направи некаков квалитативен исчекор во наредните четири години од мандатот.

„Тој нема лични квалитети. Нема капацитет и познавања во политички систем. Дури не е ни релевантен критичар. Никој не ги коментира неговите изјави, ниту кај нас ниту надвор од државата. А нема ни меѓународни врски, како што имаше експретседателот Борис Трајковски, кои ќе му обезбедат поддршка при евентуален судир со оваа монструозна власт. Мислам дека ќе го пуштаат да ги прави ’глупите работи’, да се бламира како со онаа несреќна изјава за пропуштените шанси во 1995 година. Или како на средбата со Папандреу, кога се знае дека нема шанси за некаков успех. Само за да ја покрие неуспешноста на Груевски да изработи добри средби во Њујорк. Уште и самиот тој како претседател ја побара средбата со грчкиот премиер. Бламажа, па има правила, се знае како одат тие работи“ , вели Фрчкоски.

Познавачите на македонската политичка сцена посочуваат дека немањето свои пратеници во Собранието претставува голем хендикеп за претседателот. Бидејќи партиите не ги даваат бланко-гласовите на независните кандидати, туку си имаат свои сметки.

„На денот на изборите партиската машинерија му се позајмува на кандидатот, но по изборите му се враќа на лидерот на партијата каде што е реалната политичка моќ, во случајов кај Груевски. Иванов има само еден начин да се наметне: да ги убедува граѓаните со морален авторитет, кој се потпира на содржината на предлозите и на силата на аргументите. Тој треба да излезе со цврсти ставови во надворешната политика, името и евроинтеграциите, одбраната и безбедноста, а може да каже свое мислење и за монетарната политика со оглед на тоа дека го предлага гувернерот на НБМ“, вели политичкиот аналитичар, професорот на Американскиот колеџ, Стево Пендаровски.

Нагласува дека Иванов досега не кажал став што се разликува од Владата и никогаш не излегол прв со мислење за некое битно прашање. Притоа напоменува дека се недозволиви протоколарни гафови - премиерот да и' кажува на јавноста што ќе прави претседателот во Њујорк, каде што препознава јасна тенденција за негово маргинализирање.

Пендаровски не очекува дека Иванов во наредниот период ќе изгради некаква индивидуалност, туку е убеден дека ќе стане уште повеќе невидлив. „Не очекувам дека ќе води автономна политика, дека ќе формира независни ставови и дека ќе ги кажува пред тоа да го стори Владата. Иванов ќе продолжи да биде тивок и незабележителен претседател“, прогнозира професорот на Американскиот колеџ.

Од начинот на кој Иванов ја извршува функцијата е разочаран и неговиот пријател, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, кој застана зад неговата претседателска кандидатура и финансиски ја помогна. Тој очекувал од Иванов да се покаже како „еманципирана политичка фигура“ и ниту на сон не можел да помисли дека ќе манифестира таква послушност кон Груевски.

„Иванов се однесува премногу пасивно и претседателската функција не ја користи за да ги промовира целите што ги пропагираше како професор. Тој има напишано многу работи за цивилното општество и за мултиетничката демократија и треба да се потсети на нив и да ги препрочита“, вели Боцевски.

Иванов пред стапувањето на функцијата како приоритети ги посочи: Македонија - членка на НАТО и на ЕУ, силна, почитувана и рамноправна, со богати и среќни граѓани.

„Немам намера ниту потреба за момент да замижам пред големите пречки на нашиот пат, како што се нерешените прашање со јужниот сосед“, вети тој во првото обраќање до нацијата. Но, и по една година од мандатот, не успеа да ни објасни што значи „разумен компромис“.


#