Неизвесно е дали ќе има ТВ-дуел Груевски - Шекеринска

Во МТВ велат дека упатиле покана до двајцата лидери за учество на телевизиски дуел

Жаклина Хаџи-Зафирова

Се' уште е неизвесно дали ќе има телевизиски дуел меѓу лидерите на двете најголеми партии од власта и од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Радмила Шекеринска. Од СДСМ велат дека досега прифатиле две покани за ТВ-дуел од телевизиите Телма и Тера, но засега нема потврден одговор од ВМРО-ДПМНЕ дали нивниот лидер ќе ја прифати поканата за дуел. Од ВМРО-ДПМНЕ ниту ги демантираат ниту ги потврдуваат најавите за можен дуел меѓу Груевски и Шекеринска. Инаку, од денеска ќе почне бесплатното изборно претставување на најголемата информативна куќа, националниот радиодифузен сервис, МТВ.

Портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, ни изјави дека Груевски се' уште не одговорил потврдно на пристигнатите покани од двете телевизии, па затоа тврдат дека тој се обидува да ги избегне дуелите со Шекеринска. „Дуелите ги избегнуваат и Зоран Ставревски и Антонио Милошоски“, додава Станковиќ.

Шефот на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека нема информации за тоа каде и како ќе настапи Груевски на телевизиите и дали ќе прифати покани за ТВ-дуел.

Во МТВ велат дека упатиле покана до двајцата лидери за учество на дуел, но досега не добиле одговор од двете партии. Иако дуелот е планиран во телевизиската шема на МТВ. Другите телевизии се' уште не се начисто дали ќе организираат телевизиски дуел меѓу лидерите на најголемите партии и се во фаза на договарање. Иако велат дека дуелите ги планирале во програмата што ја доставиле до Советот за радиодифузија.

Од денеска кандидатите на партиските листи ќе имаат простор од пет до дваесет минути бесплатно да се претстават на програмата на МТВ. Тие ќе имаат време од две минути директно да се обратат до гласачите, а останатото време ќе можат да го потрошат зборувајќи на четири теми, за внатрешна и надворешна политика, социјала и култура.

„Од денеска почнува снимањето и емитувањето на бесплатните претставувања на сите политички субјекти, коалиции, партии и групи гласачи. На завчерашното ждребување сите партии го добија редоследот по кој ќе биде вршено снимањето“, вели Лидија Богатинова, уредник на Вести.

Настапите на кандидатите ќе се снимаат секој ден од 12 до 17 часот, а ќе бидат емитувани, исто така, секојдневно во термин од 17,30 до 18,30 часот. „Секоја партија добива по три минути простор по кандидатска листа и плус две минути за обраќање кон гласачите. Значи, ако една партија има кандидатска листа во една изборна единица, тогаш ќе се претстави во времетраење од пет минути. Ако има во сите шест, тогаш вкупно се дваесет минути простор“, објаснува Богатинова.

Според неа, секоја партија ќе може да ја претстави својата програма со онолку кандидати колку што смета дека е потребно. „Немаме право да се мешаме во концептот на претставувањето, туку само во делот на содржината како тематски делови, бидејќи ќе им се остави простор да зборуваат на четири теми како делови од нивната програма“, велат во МТВ.

На партиите ќе им се остави да одлучат за што ќе одвојат најмногу време кога ќе се претставуваат. За време на настапите нема да им биде дозволено да носат партиски обележја, освен беџ на реверот, а сценографијата ќе биде унифицирана за сите.

Националниот радиодифузен сервис секоја вечер во 22,30 часот има отворена емисија „Македонија гласа“ и во неа ќе се емитуваат сите настани поврзани со изборните активности во цела Македонија.