30.12.2011, 10:46 Со „Купи куќа, купи стан“ дом за над 2.000 семејства
Барањата за кредит заинтерсираните ќе може да ги поднесуваат до банките вклучени во проектот од 26 јануари. За оваа цел во Буџетот следната година се предвидени 240 милиони денари.
Над 2.000 семејства се очекува следната година да обезбедат сопствен дом преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Барањата за кредит заинтерсираните ќе може да ги поднесуваат до банките вклучени во проектот од 26 јануари. За оваа цел во Буџетот следната година се предвидени 240 милиони денари.
Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка - Битола.
Преку проектот може да се земе кредит за нов стан или изградба на куќа. Има две варијанти. Со едната „пола-пола рата“ Владата неповратно ќе обезбеди средства за половина од месечната рата од станбениот кредит во првите пет години. Со вториот модел „пола учество“ државата ќе плати 50 отсто од учеството за кредитот. Кај првиот модел каматата во првите пет години е 4,99 проценти за првите три и 5,5 отсто за следните две години. Во наредните 15 години според банкарите би требало каматните стапки да бидат како и за другите станбени кредити. Условите кои треба да се исполнат од граѓаните кои сакаат да го користат првиот или вториот модел се исти, односно кредитот да не биде поголем од 50.000 евра со рок на отплата од 20 години, да немаат приходи над 900 евра, а вредноста на станот или куќата да не биде поголема од 900 евра за метар квадратен.
Дополнителна бенефиција и олеснување за граѓаните, како што е според законот предвидено, дел од документацијата ќе ја обезбедува Министерството за финансии. Имено во соработка со Агенцијата за Катастар на недвижности ќе ја обезбеди потврдата дека кредитобарателот и неговиот брачен другар не поседуваат стан или куќа додека во соработка со Управата за јавни приходи, Министерството ќе обезбеди потврда за исполнетост на условот за висината на месечните приходи.
Со проектот ќе се придонесе за подобар живот на илјадници граѓани и семејства, но и поддршка на градежништвото. Се очекува да се зголеми интересот за инвеститорите за изградба на нови станбени објекти и оти со зголемување на понудата на станови ќе се создадат услови за намалување на цената на становите.
|
|