14.12.2012, 17:36

Мислења

Специјалци против специјалисти

Ѓорѓи Спасов

Граѓаните во сите земји, а не само кај нас, многу повеќе им веруваат на лекарите отколку на политичарите. Дијагнозите на лекарите кај нас се почесто точни од дијагнозите на политичарите

Штрајкот на лекарите од Клиничкиот центар во Скопје се чини дека ја распаметува Владата. Таа, изгледа, не може да сфати дека специјалистите од Клиничкиот центар имаат право да ги бранат и да ги одбранат своите права од работен однос со користење на еден од најстарите инструменти на работничкото движење познат како штрајк. Се чини дека не сфаќа оти е можно специјалистите да знаат што е подобро за нив од ресорниот министер, кој настапува како нивен работодавач. Со цел да ја спречи појавената „зараза“ на Клинички центар Владата употреби до сега цел арсенал мерки.

Прво, министерот објави резултати од анкета со која информираше дека огромното мнозинство на граѓаните, кое нема поим за што станува збор, ги одобрувало реформите во здравството.

Кога на министерот за здравство му рекоа дека ќе има штрајк во Клинички центар, тој итно побара од судот да го забрани и „независното“ судство во најбрз можен рок постапи според волјата на министерот. Синдикатот на Клинички центар го одложи штрајкот за да ја почитува забраната од судот, но повторно најави штрајк.

Министрот изгледаше како да не ги сфаќа сериозно лекарите. Како некој што никогаш не чул за штрајк, на прашањето од новинарите што ќе прави ако започне штрајкот одговори: „Па што? Еден ден ќе штрајкуваат и утре пак ќе дојдат на работа и ќе мора да ги пополнуваат моите формулари за работа по учинок“. А кога му рекоа дека штрајкот може и да потрае, како мало дете рече: „Е, тоа ќе видиме!“

Кога почна штрајкот објави дека нема штрајк, па мораа специјалистите да одат за време на паузата пред неговото Министерство со налепници на грбот „Ние сме невидливи“. Му нудеа и очен преглед, но тој не прифати. Некои рекоа дека не ги загрижува министерот за здравство туку здравјето на министерот.

Не сакаше да разговара со претставниците на синдикатот на Клинички центар, затоа што „нивниот синдикат не бил легитимен преставник на фелата“ и почна да си кани на разговор еден политички подобен синдикат на лекарите познат како „баба Зумбула“.

Потоа, заедно со премиерот, ги обвини лекарите дека се политички инструментализирани од опозицијата и дека не се борат за права, туку се вклучени во еден вид политички протест за негова смена и на Владата.

Кога не помогна ниту таа веќе стандардизирана дискредитација за секој протест во земјава, партијата на власт пристапи кон организирање контрапротест од страна на „совесните“ доктори-штрајбрехери, кои сакаат да работат според учинок на начин на кој што предвидел министерот.

И на крајот, кога ниту контрапротестот не помогна, Владата прибегна кон своето најефикасно средство. Таа со пари од даночните обврзници започна да емитува кампања на телевизиите во најгледаното време, против мрзливите доктори за да и' објасни на јавноста дека се залага само за тоа, тие што работат повеќе и посовесно да земаат поголема плата од оние што работат помалу и понесовесно.

Цела јавност сега е во очекување да види што ќе биде следниот потег на владата за да го скрши отпорот на специјалистите од Клинички центар. Не е исклучена можноста министерот да почне да им дели помали плати и откази на штрајкувачите, како што тоа се случуваше и со водачите на некои други штрајкови во Македонија. Се создава впечаток дека на министерот за здравство, кој ја ужива поддршката од премиерот, му е најважно само да докаже дека „никој не може да го уценува“ и дека неговите идеи за работа по учинок се генијални и без советниците со коефициент на интелигенција од над 140 за кои има распишано оглас и кои ќе работеле за хонорар од 50 евра.

Водачот на штрајкот во Клинички центар, смирениот Дејан Ставриќ, објаснува дека тие не се против вреднување на работата на лекарите по учинок, туку против понудениот модел од страна на министерот, кој не води сметка дали пет од десетте оперирани пациенти на лекарот умреле или се сите живи. Тој модел, вели Ставриќ, едноставно погрешно брои и лекарите кои штрајкуваат не сакаат да прифатат дека две баби и три жаби се пет. Таквиот модел на мерење ќе биде неправеден и нема да ги направи лекарите посовесни и поработливи, а пациентите позадоволни.

Но, незавино од логиката, штрајкот на лекарите од Клинички за Владата е бунт. Тоа е покажување нелојалност, непослушност и несфаќање дека „се работи за реформа запишана во програмата на ВМРО ДПМНЕ прифатена и одобрена од граѓаните што гласале за партијата на последните избори“. Партијата на Груевски, која покажува мајсторство во комбинацијата на пропаганадата со политичко насилство, во овој случај изгледа има заборавено една суштествена работа. Граѓаните во сите земји, а не само кај нас многу повеќе им веруваат на лекарите отколку на политичарите. Дијагнозите на лекарите кај нас се почесто точни од дијагнозите на политичарите. Оттука треба да им се верува и треба да се прифатат нивните барања. Ако тие не успеат во нивната борба за одбрана на своите права од работен однос тогаш да не очекуваме дека во тоа ќе успеат професорите, новинарите, вработените во јавната администрација или пак вработените во приватниот сектор кои ги имаат изгубено веќе сите права. Затоа лекарите заслужуваат поддршка. Нивната дијагноза и во овој случај е сосема точна.

Ни останува да се надеваме дека ако не се најде решене нема да ја гледаме епизодата „специјалци против специјалисти“.

Но, и ако ја гледаме, за пренос и дебата околу такви епизоди, на телевизиите има се помалку простор. Зошто?

Некои од преостанатите телевизии што го отворија просторот за опозиционите мислење преку ноќ се забранети. Прво и' го прекинаа договорот на Нора Шакири на ТВ Алфа. Потоа пораненешната судијка Благородна Дулиќ се запраша во Собранието на Македонија „како може да си дозволи еден новинар како Роберт Поповски да му поставува така незгодни прашања на премиерот!“. Веднаш потоа ја снема и Х/О на Роберт Поповски. Неколку емисии му забраниле на Саше Ивановски во Политико на Наша ТВ па и таа емисија ја снема. Сега ќе ја емитувал на радио. А откако Александар Чомовски почна да кани во својата емисија „Ако со Чом“, некои непријатни гости за власта на ребредираниот национален сервис снемало пари и за таа емисија.

Според индексот за слобода на медиумите на „Фридом хаус“ за 2012 година, од рангираните 197 земји во светот, Македонија според слободата на медиумите се нашла го дели 115 место. Држави како Лесото, Сиера Леоне, Танзанија, Бангладеш, се подобри од Македонија на оваа ранг листа, додека пак во регионов пред земјава се Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија, Албанија и Косово. Но, тоа никого не го загрижува. За тоа што не добивме датум за преговори за членство во Унијата виновни се Грција, Европа, САД, Албнците, Бугарите, соросоидите и опозицијата. Виновни се сите оние што не гледаат колку многу сме напреднале во борбата против остатоците од комунизмот по спроведената лустрација, по изградбара на Музејот на жртвите на комунизмот и подигнувањето на споменикот на Александар и Филип Македонски. Во медиумите премиерот има свое ток шоу познато под името „Отворени седници на Владата“. Ако ви е тоа здодевно може да го гледате гостувањето на Миленко кај Јанко, Мирка кај Миленко, Латас кај Јанко и други шоу програми. Слободата за критика на опозицијата е загарантирана. Таа е денес патриотски чин и вносен бизнис. Дури и политичката сатира кај нас на телевизијата е антиопозициона. На таа опозицона банда и е спротоставена еднооката „контрабанда“, која со невидена храброст ја исмејува опозицијата и во најгледаниот термин на телевизијата Сител. А опозицијата и сама се критикува. Речиси не и' е потребна помош.

(Авторот е универзитетски професор)

Наш став



Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.