Долговите на државата се трупаат

Соња Маџовска

Владата не открива колку му должи на стопанството, бидејќи секој ден се менувала сумата, ама секој месец расте и долгот на државата кон банките и другите домашни инвеститори.

Министерството за финансии не се откажува од својата зависност секој месец да издава државни записи. Денеска повторно ќе се одржат две нови аукции на кои Владата преку шестмесечни државни записи, денарски и девизни, ќе се обиде да собере вкупно 44,4 милиони евра. Министерството за финансии денеска ќе мора да врати 32,2 милиона евра, врз основа на достасани за исплата на хартии од вредност. Ова значи дека Финансии не бара само да ги врати старите долгови, туку на Владата и' се потребни пари и за други трошоци.

Новина е што каматата е малку пониска. За записите со девизна клаузула таа изнесува 4,4 отсто, а за денарските записи каматата е 4,7 отсто. Министерството очигледно морало да реагира, бидејќи од последната аукција одржана на 3 август каматата беше 4,7 и 5 отсто, а Народна банка на Македонија ја намали референтната каматна стапка од 5 на 4,5 отсто. Сепак, каматата за денарските записи и овој пат е повисока од основната камата.

За експертите главен проблем не е тоа што се задолжува државата, туку за што се трошат парите.

„Во овој момент нема доволен прилив во буџетот за да се покријат јавните расходи. А Владата мора да најде пари за да ги извршува основните функции, но тие не се градење на споменици, туку функционирање на здравството, образованието, администрацијата. Одредена квота на државни хартии од вредност треба да има, но јас сум против тоа да има два ист тип записи, благајнички и државни. Паметни земји ги интегрираат овие записи. Од друга страна, тоа што НБМ само ја спушта каматата, а ја остава на високо ниво задолжителната резерва, покажува дека се плаши од разгорување на увозната компонента. И државата не е дисциплинирана и таа своето трошење го насочува кон увоз, се лие во Фиренца, на пример. А дома има многу неплатени обврски“, вели професорот Мирољуб Шукаров.

Овој тренд на постојано задолжување покажува дека откако Владата се обиде и виде дека на меѓународните пазари на пари нема евтини заеми, таа е насочена само кон домашниот пазар. Но, тоа покажува дека Владата останува глува и за апелите на стопанството, да запре со задолжувањето дома за да остави повеќе пари за нив.

И за разлика од Македонија, во речиси сите земји од регионот владите ги послушале молбите на бизнисот и закочиле со задолжувањата на домашните пазари, па од почетокот на кризата средства бараат на меѓународните пазари. Тоа е случај со Хрватска, Словенија и со Црна Гора, а единствен исклучок е Србија, каде што владата се задолжува без контрола и со огромни камати.


#