Кој му плете свилен гајтан на Протоѓер?
На Интернет осамна вест за смена на првиот соработник на Груевски. Владата и ВМРО-ДПМНЕ демантираат
Светлана Унковска
Мартин Протоѓер, шеф на Кабинетот на премиерот Никола Груевски, е разрешен од функцијата!? Таква вест вчера силно одекна во јавноста, но експресно и категорично беше демантирана од Владата и од ВМРО-ДПМНЕ каде што Протоѓер е генерален секретар.
Метежот, всушност, настана откако шпекулацијата за смена на Протоѓер беше објавена на некои блогови и на „Фејсбук“, при што се посочуваше дека одлуката, наводно, била донесена на завчерашната владина седница што траела до раните утрински часови. Наводно, на седницата се водела жестока расправа за на крај Протоѓер да биде разрешен.
Владата ги отфрла ваквите информации како неточни, истото тоа го потврдува и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и оттаму велат дека шпекулациите излегувале од „опозициската кујна“. Сопартијците на Протоѓер тврдат дека тој не само што не е разрешен, туку и со премиерот се наоѓа во Брисел, каде што Груевски ќе учествува на самитот на Европската народна партија.
Сепак, информациите пласирани од блогерите предизвикаа бура сомневања затоа што извесен период Протоѓер го нема во јавност, иако претходно речиси во секоја пригода беше до Груевски. Затоа и после тврдењата на власта дека Протоѓер останува на функциите, сепак, не спласнаа сомневањата дека некој му плете свилен гајтан на вториот човек во ВМРО-ДПМНЕ?
Шпекулациите за смена Протоѓер уште повеќе ги подгреаја и шушкањата за турбуленции и несогласувања во владејачката партија. „Озборувањата“ дека дошло до одредени недоразбирања меѓу Груевски и Протоѓер во некои политички кругови се толкуваат како најава за формирање фракција во владејачката партија.
Наводно, Протоѓер, кој важи за прв спин-доктор во власта, бил ставен под тенок мраз, токму поради тоа што почнал се' почесто да настапува со поинакви ставови од премиерот. |