Крај за криенките со двојното државјанство
Двојното државјанство повеќе не ќе може да го заштити поранешниот прв цариник Драган Даравелски од кривичен прогон во земјава. Владата на завчерашната седница иницирала уставни измени со кои двојното државјанство повеќе нема да им биде закрила на сите оние што извршиле кривични дела во земјава, а потоа побегнале во соседните земји.
Според министерот за правда Михајло Маневски, станува збор за измени што треба да се направат во членот 4 став 2, при што треба да се додаде дека македонски државјанин што поседува двојно државјанство може да се предаде на државата каде што извршил кривично дело од областа на организираниот криминал и корупција.
Ваквите измени, според Маневски, не се однесуваат само на случајот со Даравелски, туку е обид да се спречи можноста сите што сториле кривични дела да се извлечат од одговорност, користејќи го двојното државјанство.
Министерството за правда е задолжено во наредните 30 дена да ги изврши законските измени, а целата процедура со уставните промени се очекува да заврши во наредните три месеци.
Маневски не очекува дека ваквите интервенции во Уставот ќе повлечат некои други импликации и барања за дополнителни промени во највисокиот правен акт.
Екстрадицијата на лица со двојно државјанство, кои се бараат во земјава за извршен криминал, би можело да се случи по уставните измени и потпишувањето билатерални договори со соседните земји. Иницијатива за потпишување билатерални договори за екстрадиција на лица со двојно државјанство веќе постои од стана на надлежните институции во Хрватска и во Србија. Земјите од поранешна Југославија веќе имаат потпишано договори за екстрадиција на свои државјани, но министерот Маневски не смета дека иницијативата за донесување вакви промени во земјава е задоцнета.
Експрвиот човек на Царината, Драган Даравелски, е во бегство повеќе од седум години и прибежиште најде во соседна Србија, искористувајќи ги привилегиите на српскиот пасош и на двојното државјанство. Во 2077 година судот во отсуство го осуди на седум години затвор, додека неговиот помошник Киро Доцевски беше осуден на четири години и десет месеци затвор. Тие на државата треба да и' вратат еден милион и 700 илјади евра поради злоупотреба на службената положба.
Во април годинава Одделот за борба против организиран криминал му поднесе уште една пријава на Даравелски, како и на уште четворица негови соработници за малверзации околу кумановска „Бисерка“. Тие се осомничени дека со нелегални активности го присвоиле имотот на фабриката, чија вредност се проценува на околу 20 милиони евра. (Д.Т.) |