18.09.2012, 16:34 И Грција подготвува нова стратегија
Грчкото МНР ќе мобилизира експерти кои ќе му даваат нови насоки за надворешна политика
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Новиот министер за надворешни работи, Димитрис Аврамопулос, ќе ја засилува дипломатијата на Грција. Според најавите, наскоро ќе почне со работа специјална комисија на експерти, академици, дипломати и научници чија цел ќе биде да предлагаат нови насоки на грчката надворешна политика.
„Грчката надворешна политика по промените во поширокиот регион и во светот не може да остане иста“, истакне шефот на грчката дипломатија. Аврамопулос ќе го достави официјално предлогот за формирање на ваква комисија на почетокот на 2013 година. Предлог за формирање на експертска комисија и конкретно за македонско-грчкиот спор лани имаше и професорот Евагелос Кофос, за време на форум за спорот околу името организиран од грчкиот тинк тенк ЕЛИАМЕП.
Експертска комисија, според планот на Аврамопулос, ќе биде во постојана комуникација со политичките партии, надлежните комисии за надворешни работи, дипломати и други адреси во и надвор од Грција. Меѓутоа главниот збор за предлозите на оваа комисија, како што нагласи Аврамопулос, ќе го имаат премиерот и Парламентот. Аврамопулос, во рамки на неговата идеја МНР да комуницира со сите партии во грчкиот парламент за грчката надворешна политика, изминатиот период веќе имаше брифинзи со Демократска левица која е дел од трипартиската влада, но и со опозициската СИРИЗА, за која ова беше прво официјален брифинг со министер и посета на министерство.
Говорејќи за предизвиците на грчката надворешна политика, Аврамопулос напомена дека решавање на спорот е од големо значење за грчката надворешна политика и претставува едно од клучните и критични теми за Грција. Аврамопулос тврдеше дека Грција ја поддржува преговарачката процедура во рамки на ОН и учествува во неа, како и дека досега направила се што било побарано од неа на преговарачка маса, иако тоа воопшто не било лесно. „Тоа што ни треба е веродостоен соговорник од другата страна, кој ќе го остави настрана балканскиот синдром од 19 век и, наместо да го користи спорот за името за внатрешно-политички цели и корист и да негува националистички ставови, ќе ја воочи вредноста на нашиот заеднички пат кон европското семејство“, истакна Аврамопулос.
Аврамопулос утре заминува за САД каде прва станица му е Чикаго, потоа Бостон, а на 23 пристига во Њујорк за работата на Генералното собрание на ОН. Во рамки на посетата на Њујорк ќе има средби со генералниот секретар Бан Ки Мун и медијаторот за името, Метју Нимиц.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека грчкото МНР располага со многу малку средства од буџетот во споредба со другите министерства, односно само 0.18 отсто. Притоа, најави продавање на дел од зградите на МНР низ светот кои не се користат за да се заштедат средства, а исто така и затварање на дел од амбасадите и конзулатите и префрлање на нивните надлежности на некоја од грчките амбасади во соседството.Се планира и отварање на помали претставништва со помал персонал а со конкретни цели, како на пример промовирање на можноста за инвестиции во Грција.
Според Аврамопулос, во моментов грчко-американските односи се во една од најдобрите фази досега и остануваат стратешки приоритет на Грција. Спомена дека за одржувањето на овие односи големо значење има грчката дијаспора. „Се уште не ни е проценет кадарот кој го имаме низ светот“, посочи Аврамопулос коментирајќи за искористување на потенцијалите на имиграцијата.
|
|