Македонија без кредибилитет во САД
Откако испрати анти НАТО-амбасадор во Алијансата, Милошоски побара од Вашингтон да лобираат за нас
Слободанка Јовановска
Столбот на македонската надворешна политика изминатите две децении - добрите односи со САД - почнува да се урива пред налетот на патриотската борба за името на државата. Предводник во тоа е Владата, иако, според реториката, Вашингтон и Скопје имаат односи какви што само можат да се посакаат.
Пред два дена шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, оцени дека односите меѓу двете земји ги карактеризира „високата соработка, меѓусебното разбирање, континуираниот политички дијалог и стратегиското партнерство во рамките на меѓународните мировни мисии“, па во согласност со тоа најдрско побара од САД да лобираат позасилено во НАТО, за да се ефектуира поканата за членство, која стои ковертирана од Самитот во Букурешт. Дрско, пред се', поради анти НАТО-пораките што преку новоименуваниот амбасадор, Мартин Треневски, ги испратија не само до Брисел туку и до Вашингтон, и поради исмејувањето на резултатите од мисијата во Авганистан, која во моментов е приоритет број еден за САД и за администрацијата на Барак Обама. Дрско и поради тоа што топката од нашиот двор Милошоски ја префрла каде ќе стигне, па и во американскиот, иако пораката на САД како да се стигне до членство е кажана одамна, и многу јасно и транспарентно. Дрско и поради третманот што помошник на државниот секретар, Филип Гордон, го доби за време на последниот престој во Скопје, кога премиерот Никола Груевски глумеше дека не може да дојде на средба поради проблеми во авионскиот сообраќај.
Сепак, именувањето на Треневски ја разголи сосема политиката на Владата кон НАТО и кон САД, бидејќи молкот околу изјавите на идниот амбасадор во Алијансата не остава простор за надеж дека зад скандалозните позиции не стојат оние што ги влечат конците во земјата. „Македонија е таа што решава дали сака членство во НАТО или не. Ние нема да ја молиме ниту, пак, присилуваме. Но, ако власта стои зад изјавите на амбасадорот, тогаш пораката за нас е јасна“, беше оцената на еден амбасадор на земја-членка на Алијансата. Презентацијата на Треневски, кој, според премиерот, требаше јавно да се поправи, но тоа не се случи, е топ-тема меѓу странските дипломати во земјава, кои веќе го апсолвираа фактот дека таа не е само личен став, туку зад неа застана и МНР. Во НАТО молчат околу ова прашање, но неофицијално се дознава дека и пред скандалозниот настап на амбасадорот, во Алијансата им било јасно во кој правец оди и ќе оди политиката на Македонија, па генералниот секретар првата посета на нашата земја ја објаснил како нешто што морал, односно дека доаѓа сега, бидејќи е нов на функцијата, а следниот пат ќе ја посети Македонија кога ќе си замине од неа. Ако се знае дека САД беа креатори на Јадранската повелба, оти целиот пат на Македонија до Алијансата беше со нивна помош и режија, дека повеќе од една деценија имаат мисија за воена помош на АРМ и досега дале над половина милијарда разна помош за да се постигнат стандардите за прием во НАТО и во ЕУ, ваквата политика изгледа како удирање нож во грбот на најважниот сојузник за стратегиските интереси на земјата.
„На САД им е преку глава од Македонија. Тоа се гледа од нивото и од (не)бројноста на средбите. Добрите односи меѓу двете земји се минато“, е оцена на македонски дипломат, кој ги следи односите меѓу САД и Македонија. Според него, Вашингтон го кажа својот збор околу членството во НАТО и за спорот за името, а ние одиме во спротивна насока. Иако се очекувало некакво постбукурешко разочарување, во САД не очекувале вакво свртување на политиката и реторика која сериозно отстапува од евроатлантските вредности. Според друг дипломат, иако односите меѓу САД и Македонија навидум изгледаат стабилни, во реалноста не е така. Отсуствуваат посети на земјата од американски официјални ли��а и нашите функционери ги нема во Вашингтон, иако сите балкански политичари, особено грчките, имаа некакви средби на високо ниво во американската престолнина. Премиерот Никола Груевски само еднаш беше на молитвен појадок во САД, а Милошоски со американските функционери се сретна само на меѓународни состаноци надвор од САД. Вашингтон, како што се дознава, бил многу лут поради отсуството на Милошоски од конференцијата за иднината на Авганистан во Кабул, каде што не отпатува ни заменик- министерот за надворешни работи, бидејќи, официјално, бил болен иако учествуваше на настан во земјата. Да биде конфузијата поголема, Владата го зголемува контингентот на учесници во нашата мисија во Авганистан, додека амбасадорот Треневски ја омаловажува, а Милошоски не го интересира како ќе се развива во иднина. Генерално, политиката на власта кон САД се оценува како неискрена и нетранспарентна, но и самоуништувачка, бидејќи е луксуз да се има САД на друга страна. Станаа невидливи и конгресмените, кои ја поддржуваа нашата земја, па освен двајца што ја посетија Македонија во февруари годинава, јавноста заборави дека постои таква институција во САД.
Сето ова се случува и покрај декларацијата за специјално партнерство што Кондолиза Рајс ја потпиша со Милошоски, како и силната порака на претседателот Обама од Самитот на НАТО во Стразбур: „Се радувам на денот кога ќе можам да ја видам Македонија во Алијансата“. Дека ентузијазмот на Вашингтон целосно спласна кога е во прашање нашата држава, зборува и тоа што досега не е слушната изјава на амбасадорот на САД во НАТО околу Македонија иако токму таа мисија беше главна кога се правеа обиди да се посредува во грчко-македонскиот спор, во времето на Викторија Нуланд. Иако изговор за молкот на САД власта може да најде во смената на администрацијата и доаѓањето на демократите кои, како што се верува, и' се понаклонети на Грција, тоа не објаснува зошто речиси нема контакти меѓу САД и Македонија, а соработката е повеќе виртуелна отколку реална. Одговорот е дека САД со години ја помагаа Македонија, а нашите власти го разбираа тоа и ги следеа американските препораки, додека сега потезите што се влечат се токму обратни. Никој во светот не сака да помага земја што сама не сака да си помогне и чии лидери ги растураат докажаните пријателства за тесни партиски интереси. На ова се надоврзува и тоа дека премиерот во текот на единствениот престој во САД не се сретнал со најорганизираната македонска дијаспора, туку со МПО, а во Обединетите нации не' претставува амбасадор кој се онесвестил од пијанство на прием и си задоцнил на предавањето на сопствените агремани во латиноамериканска земја. |