Ахмети едно зборува во Тирана, друго во Скопје
Има ли криза во Владата? ДУИ чека што ќе каже лидерот
Светлана Унковска
Владината коалиција е пред сериозна криза и досега ова е прв пат нејзината судбината да биде доведена до толкав степен на загрозеност. Покрај бурните реакции за спорните одредници во енциклопедијата, севкупната политичката клима во земјава и натаму ја вжештуваат, двата коалициони партнери во власта, премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Во моментов, нивната комуникацијата единствено е сведена на праќање пораки преку јавноста. Иако и двајцата велат дека за се она што предизвикува несогласување треба да се седне на заедничка маса и да се разговара, сепак средба Груевски-Ахмети нема.
Во последните изјави на Ахмети, дадени главно од Тирана кои имаат заканувачки тонови и воинствена реторика, директно го посочува премиерот Груевски дека е одговорен за настанатата ситуација. Тој бара од него да се дистанцира од енциклопедијата и како што рече „да го осуди овој чин кој предизвикува војна“. Истовремено, партиското раководство и функционерите од редовите на ДУИ отворено тврдат дека ќе ја напуштат целосно власта, доколку одлучи нивниот лидер Ахмети.
Од друга страна, пак, Груевски и натаму одбегнува директно да одговори на прашањата поврзани со енциклопедијата или пак на прозивките на Ахмети за дистанцирање. Но, ваквото однесување на премиерот, според професорката Билјана Ванковска е сосема логично, затоа што во спротивно, со тоа тој би признал дека е творец на енциклопедијата. Премиерот на вчерашната посета во Кавадарци не даде конкретен одговор за актуелните прозивки на Ахмети и на политичките субјекти на Албанците и рече: „За тоа давав изјави деновиве“.
Затоа пак, Ахмети со остра и радикална реторика, деновиве на неколку наврати се јавуваше од Тирана, која беше пренесувана од телевизијата Алсат-М, во која премиерот го именувал како „господинот Никола Груевски“.
„Очекувам господинот Никола Груевски да ме повика, бидејќи примирјето е прекршено од заедницата на која припаѓа и самиот господин Груевски. За оваа ниска провокација мислам дека господинот Никола Груевски треба да биде вознемирен колку што сум и јас, бидејќи настанот се случил во Македонија и ние треба да ги преземеме сите мерки оваа ситуација да не ескалира, туку навреме да се реагира“, изјавил Ахмети за албанските медиуми. Тој истовремено порачал и дека енциклопедијата треба да се повлече и да се подготви ново издание во кое треба да учествуваат Албанци.
Во меѓувреме, Ахмети добива силна поддршка од членовите на највисокото партиско раководство, но и од сите функционери на ДУИ.
„Сега се' е оставено во рацете на Ахмети. Ако тој донесе одлука да се повлечеме од власта, тогаш на централното претседателство ќе се верификува таквата одлука и освен кај министрите, подготвеност да ја напуштиме коалицијата има и кај пратениците и кај сите други функционери“, истакна вчера Рафис Алити од ДУИ. На вчерашната средба на вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Абдулаким Адеми, со холандската амбасадорка, Симоне Филипини, тој посочил дека министрите Албанци ја осудуваат неодамна издадената енциклопедија и оти таа треба да се повлече. На ова амбасадорката Филипини истакнала само дека Холандија ја поддржува Македонија во зачленувањето во НАТО и во ЕУ и оти го следи спроведувањето на Охридскиот договор. Професорката по мировни студии, Билјана Ванковска, на ваквата атмосфера гледа како на непотребно создавање атмосфера во која опасно се игра со оган. Според неа, изјавата на Ахмети за тоа дека е прекршено примирјето година само ја потврдува нејзината теза дека Рамковниот договор е документ со кој се потпиша примирјето, а лидерот на ДУИ експлицитно изјави дека ние, всушност, немаме мир.
„Значи, не е мир ако во секој момент можете од ракав да извлечете адут за некакво насилство, палење знамиња и конфликти. Тоа значи дека многу малку сме научиле за минатите години. Ахмети беше во коалиција и со едните и со другите и тој не е посветен на заедничко водење политика, туку како му одговара. Во 2004 година ДУИ и Ахмети не' доведоа до работ на безредија кога стануваше збор за територијалната реорганизација. Тој користи поводи во кои излегува со многу драматична реторика, која не прилега на зрел политичар“, оценува Ванковска.
Таа смета дека премиерот не треба да излегува со некакви изјави за дистанцирања за енциклопедијата затоа што со тоа тој признава дека е тој творец на енциклопедијата. За острите настапи на Ахмети во соседната Тирана, таа вели дека медиумите во Македонија не му се доволни затоа што со настапите таму си дава величина дека ги застапува Албанците во регионов.
„Не му е првпат. Јасно е дека во Тирана добива повисока функција, како претставник на Албанците во регионов. Улогата која ја има овде е еден коалиционен партнер, а таму ужива во својата величина да зборува за цела албанска заедница. Таму можат и да му поминат радикалните изјави затоа што ја нема меѓународната заедница да му дише во врат и секогаш да каже дека е изваден од контекст или погрешно преведен. Овде потешко би излегол затоа што веднаш ќе го викнат во американска амбасада на дружење и ќе го смират“, истакнува Ванковска.
Опозиционата Нова демократија вчера во Собранието дистрибуира меморандум за разбирање, кој очекуваат да биде прифатен и потпишан од сите пратеници.
„Му се обраќаме на премиерот Никола Груевски и на претседателот Ѓорге Иванов за да ги покажат своите државотворни капацитети и да побараат извинување, но и да се оградат јавно од навредливите елементи за албанскиот, американскиот и британскиот народ“, стои во меморандумот каде што е наведено дека се очекува и повлекување на енциклопедијата. Прашани дали чувствуваат потреба дека треба да ја осудат изјавата на Пандели Мајко, кој ги повика Албанците во Македонија да го запалат државното знаме, пратеникот на НД, Бесим Догани, го избегна одговорот.
„Мислам дека најпрво би требало да се осуди отсутноста на премиерот Груевски и претседателот Иванов, кои не наоѓаат време да му се извинат на албанскиот народ. Изјавата на Мајко ја гледам како реакција на она што се прави во нашата држава. Со енциклопедијата не беше навреден само албанскиот народ во Македонија, туку албанскиот народ во целина“, истакна Догани. Од партијата велат дека најавените протести на вонпарламентарните партии на Албанците во Македонија за четврток не ги поддржуваат, затоа што тие функционираат институционално, а не на улица. И од партијата на Ахмети сметаат дека протестот не е добро осмислен и е избрзан.
Партијата на Хисни Шакири НДУ, заедно со ПДП за четврток најави протести пред Владата со барање Македонската енциклопедија да се повлече и поништи.
„Со вакви документи, со ваква енциклопедија, Македонија не може да има просперитет, не може да има стабилност, не може да биде перспективна држава. Ова треба да им биде јасно на сите, без разлика, Македонци и Албанци“, изјави Шакири. Прашан дали како организатори на протестите се подготвени да ја понесат одговорноста доколку некој го запали државното знаме, Шакири одговори дека на протестите секој лично ќе ја сноси одговорноста.
ВМРО-ДП на Владимир Голубовски побара од МВР да не ги одобри најавените протести поради поттикнување меѓуетничка нетрпеливост. (Св.У.) |