Иванов: Грчките политичари ни прават штета!
„Главната причина зошто се' уште нема решение за името не се политичарите во Македонија“, рече вчера Иванов во годишното обраќање
Оливера Војновска
Шефот на државата Ѓорѓе Иванов вчера во Собранието во своето редовно годишно обраќање пред пратениците го откри главниот виновник за нерешавањето на проблемот со името, препознавајќи го во „некои грчки политичари“. Според претседателот, тие му нанесуваат штета на билатералниот спор, додека македонските политичари немаат никаква вина. Освен претставниците на грчката политичка елита, Иванов ги искритикува и домашната политичка и експертска јавност, но не и Владата. Претседателот имаше забелешки за опозицијата, невладините организации, медиумите, експертите...
Иванов го повтори ставот дека Македонија сака решение за спорот со името, повика на обединетост и сплотеност, но и овој пат не кажа ништо конкретно. Повторно слушнавме дека тоа ќе биде во рамките на грчко-македонската привремена спогодба од септември 1995 година и со конечна одлука на граѓаните. „Не постои одржлива алтернатива ниту за Македонија ниту за регионот освен европските интеграции и затоа членството во НАТО и во ЕУ е наша стратешка определба. Но, тој пат го попречува проблемот што го создаде Грција околу името. Подготвени сме на европски начин да ги премостиме разликите, но на европски начин“, рече Иванов.
Тој потенцира дека одговорност на секој релевантен политичар во Македонија е да не го злоупотребува грчко-македонскиот билатерален спор во контекстот на интеграцијата во ЕУ и НАТО. „Не треба да се охрабрува неединство меѓу граѓаните. Точно е дека дневната политика по ова прашање внатре во земјата ни причинува извесна штета. Сепак, сакам да нагласам дека главната причина зошто се' уште нема решение се некои грчки политичари, а не политичарите во Македонија. Време е да се напуштат стереотипите и предрасудите од минатото во корист на заедничката иднина“, истакна Иванов.
Тој побара од Грција, како членка на ЕУ, со нас да се однесуваат европски. „Затоа, уште еднаш порачувам – дека не е прифатливо да се разговара за решение што задира во македонскиот идентитет, во македонскиот јазик и во Уставот како чувар на нашата државна сувереност и нашето национално достоинство. Затоа, сакам да подвлечам - додека сум претседател на Република Македонија тоа нема да го дозволам. Ние судбински ја доживуваме старата мудрост – номен ест омен – во името е суштината“.
Иванов нагласи дека нашето име одразува суштински дел од македонскиот идентитет. „Нашите предци се соочувале со многу поголеми притисоци, но никогаш не подлегнале, со голема мака ни го оставиле она што треба ние денес да го сочуваме за идните генерации“, порача Иванов. Додека ова го говореше во салата се разлеа силен аплауз од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот очекува, како што рече, дел од јавноста повторно да ги употреби старите квалификации дека не работи по сопствено убедување и дека не е доволно гласен“. Тој изрази разочараност од „кризата на довербата во невалидниот сектор“. „Бев особено погоден од информациите за можни системски злоупотреби во дел од овој сектор. Довербата која била градена со години може да се загуби за еден миг“, рече Иванов, додавајќи дека овој проблем е уште посилно изразен кај медиумите. „Замаглувањето на границите меѓу владиниот и невладиниот сектор, меѓу политиката и медиумите, доведува до состојба во која се губи довербата на граѓаните, но се губи и суштината на демократијата“, подвлече претседателот.
Оценувајќи дека „ние сме најсветол пример на Балканот за соживот и толеранција“, Иванов на крајот од излагањето констатира дека „нашата цел е јасна – инклузивна, демократска, европска и евроатланска Македонија“. „Иако на тој наш пат се соочуваме со многу предизвици, сепак, верувам дека оваа цел е достижна. Сметам дека формулата за успех веќе ја знаеме – повеќе сплотеност, а помалку поделби“, рече претседателот. Убеден дека „храбрите ги следи среќата“ говорот го заврши со една од неговите омилени реплики: „знаеме кои сме, знаеме што сме и знаеме каде одиме“. |