04.09.2012, 17:47

„Каде се оревите“, грмна опозицијата

На вчерашната надзорна расправа за земјоделството, парламентарната опозиција вадеше слики и документи со кои, според неа, се докажува злоупотреба на субвенциите

Наум Котевски



„Каде се оревите, каде се оревите...“ се ореше вчера од опозициските редови во преполната собраниска сала „Борис Трајковски“ откако уште на стартот на надзорната расправа за субвенциите во земјоделството координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски, го праша еден од сведоците, вицепремиерот Зоран Ставревски, како се искористени 50.000 евра што ги добила кавадаречката фирма „Магрива дал“ за 10 хектари насади со ореви.

„Лично бев во Кавадарци и сликав. Еве ги сликите. Тоа се голи ниви без ниту едно дрво. Никаде нема ореви. Каде се оревите“, упорно повторуваше Ивановски, кој додаде дека парите се дадени на три лица, членови на ВМРО-ДПМНЕ.

По овие негови тврдења настана жестока расправа, со фантастични вербални креации, како онаа на Јани Макрадули, кој гласно прашуваше дали Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија ќе добие субвенции за својата јарешка брада, или, пак, како пораката на досетливиот Горан Мисовски упатена од Владанка Авировиќ - „многу ти се допаѓаат опозиционериве“...

Во тој сеопшт „детски џагор“ на вториот училиштен ден и неуморната Авировиќ не остана должна. На сите им откри дека претседателката на Комисијата за земјоделство Ленче Николовска не знае да отиде до Чаир, а камоли до Оморани за да истражува за субвенциите.

Откако малку се смирија страстите и се создаде почовечка атмосфера меѓу избраниците од народот, Ивановски продолжи со испрашувањето на Ставрески. Меѓу другото, тој потсети на изјава на премиерот Никола дека во 2011 за субвенции се дадени 115 милиони евра.

„Вашиот кумашин рече 115 милиони евра. Официјално од платежната Агенција велат 93 милиони евра, а во завршната сметка за буџетот каде што сте потпишани вие, стои дека во 2011 година за субвенции се дадени 64,5 милиони евра. Што е точно и каде е отидена разликата во пари“, му се обрати Ивановски на Ставрески.

Вицепремиерот во својот одговор се задржа на вкупниот износ од 375 милиони евра што го дала Владата на ВМРО-ДПМНЕ за субвенции, за разлика од, како што потенцираше, петте милиони во 2006.

Дали субвенциите имаат позитивен ефект врз лозарството? На што се должи, како што тврди вицепремиерот Владимир Пешевски, задоволството кога површините под лозови насади се намалени? Во 2006 година имало 25.000 хектари, а во 2011 бројката изнесува 21.000. Со вакво прашање пратеникот Марјанчо Николов му се обрати на вицепремиерот Пешевски, кој немаше конкретни податоци. Тој немаше одговор и на прашањата за фирмата „Натурал фуд“ од Градско, чиј управител е Ратко Неделковски, брат на Миленко Неделковски. Тој, според кажувањата на Николов, добил 10.000 евра субвенции за одгледување 150 кози.

„На вашиот сајт не успеав да најдам тендер за овие пари. Ќе ве молам да ја проверите работата и да не' известите“, потенцираше Николов.

Пешевски не одговори, но министерот за земјоделство Љупчо Димовски појасни дека се работи за пасиште, а не за земјоделско земјиште.

Додека Пешевски, Ставрески и Димовски тврдеа дека се живее подобро со овие субвенции и дека тие не се делат по партиска припадност, Ленче Николовска се обиде да ги демантира со случајот со фирмата „Агрооморани“ од Чашка, Велешко.

„Таа фирма е основана пред изборите. Добива 9.000 евра, но веднаш по изборите е ликвидирана. Земјоделските работи не стартувале, а парите останале во џебот. Во регистарот како основач е запишан Данилчо Василевски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров“, рече Николовска, предупредувајќи го министерот за земјоделство Димовски, кој рече дека ќе го испита случајот, дека неговиот потпис стои на откажувањето на концесијата на земјиштето.

Според неа, субвенциите се државна мерка, а не партиска и тие мора да ги добиваат земјоделците од оваа Влада, и од секоја друга што ќе дојде.

„Но мора да постои контрола во распределбата за тие да доаѓаат до вистинските земјоделски производители и да има ефект за сите граѓани. Според официјалните податоци, тоа не се случува. Од 2006 година наваму, лозовите насади се намалени за 25 отсто, намалени се и површините под пченица за 20.000 хектари, поради што увезуваме 50.000 тони лебно жито повеќе од пред 6 години, шеќерната репка целосно ја изгубивме или од 6.000 хектари сега нема ниту еден корен, производството на млеко е паднато за 30 отсто, бројот на овците од 1.200.000 сега е речиси преполовен“, потенцира Николовска.