Мислења

Правејќи го еврото цело

Џорџ Сорос

Со задоцнување може да се идентификуваат недостатоци на еврото за кои неговите архитекти не беа свесни

Архитектите на еврото знаеја дека тоа е некомплетно кога го создаваа. Еврото има заедничка централна банка, но не и заедничко министерство за финансии. Ова беше неизбежно, бидејќи Договорот од Мастрихт имаше цел да донесе монетарна унија без политичка унија. Меѓутоа, европските власти беа уверени дека ако и кога еврото ќе влезе во криза, тие ќе бидат во можност да ја надминат. На крајот на краиштата, на тој начин беше креирана и Европската унија, чекор по чекор, добро знаејќи дека ќе бидат потребни дополнителни чекори.

Со задоцнување може да се идентификуваат и други недостатоци на еврото за кои неговите архитекти не беа свесни. Еврото требаше да донесе економска конвергенција, но наместо тоа произведе дивергенција, бидејќи неговите архитекти не сфатија дека може да се појави нерамнотежа не само во јавниот сектор, туку, исто така, и во приватниот сектор.

Откако еврото стапи во сила комерцијалните банки можеа да ги рефинансираат нивните вложувања со државни обврзници по дисконтен прозорец на Европската централна банка, и регулаторите ги третираа владините обврзници како неризични. Ова предизвика диференцијалите на каматните стапки меѓу различни земји да се намалат, што генерираше бум во секторот на недвижен имот во послабите економии и ја редуцираше нивната конкурентност. Во исто време Германија, која ги чувствуваше последиците од реунификацијата, требаше да го затегне својот ремен. Синдикатите се согласија на отстапки за платите и за работните услови во замена за безбедност на работното место. Така се појавија разликите. Сепак, банките продолжија да се полнат со владини обврзници од послаби земји, со цел да имаат бенефит од малите диференцијали на каматните стапки што се' уште опстојуваа.

Последиците од немањето заедничко министерство за финансии прв пат станаа очигледни по банкротот на Леман брадерс во 2008 година, кога владите со цел да спречат финансиските пазари да колабираат, мораше да гарантираат дека на ниту една друга системски важна финансиска институција нема да и' биде дозволено да пропадне. Во тоа време, Ангела Меркел ја отфрли гаранцијата на територија на Европа и инсистираше секоја земја да гарантира за сопствените институции. Интересно е тоа што диференцијалите на каматните стапки се проширија само во 2010 година, кога новоизбраната грчка влада објави дека претходната влада многу го потценила вистинскиот фискален дефицит.

Тоа беше почеток на кризата на еврото. Недостигот од заедничко министерство за финансии сега е во процес на поправање, прво од пакетот за спасување на Грција, потоа креирање привремен механизам за итни ситуации и - финансиските власти беа малку обременети - на крајот од воспоставувањето некоја трајна институција. За жал, подеднакво е сигурно дека новите аранжмани, исто така, ќе бидат фалични. И покрај немањето заедничко министерство за финансии, еврото страда од други слабости, што властите изгледа целосно не ги разбраа. Ова енормно ги комплицира работите. Властите се соочени не само со криза на валутата туку, исто така, и со банкарска криза и со криза во макроекономската теорија.

Властите прават најмалку две грешки. Едната е дека сопствениците на обврзници во инсолвентните банки се заштитени на сметка на даночните обврзници поради страв од провоцирање финансиска криза. Ова е политички неприфатливо. Ирската влада, избрана минатата пролет, е обврзана да не ги почитува сегашните договори. Пазарите го признаваат ова, што е и причина зошто ирското спасување не донесе олеснување.

Второ, високите каматни стапки наплатувани за пакетите за спасување направија да биде невозможно за послабите земји да ја подобрат својата конкурентност наспроти онаа на посилните. Несогласувањата ќе продолжат да се продлабочуваат, а послабите земји на неопределено време ќе слабеат. Меѓусебната огорченост меѓу кредиторите и должниците е склона кон растење и постои реална опасност дека еврото може да ја уништи политичката и социјалната кохезија на ЕУ.

И двете грешки може да бидат поправени. Во однос на првата, фондовите за вонредни ситуации треба да бидат употребени за финансиско реструктуирање на банкарските системи, како и за обезбедување кредити за суверени држави. Првото би значело поефикасна употреба на финансиските средства отколку второто. Соодветното искористување на банкарскиот систем ќе ги остави земјите со помал дефицит, овозможувајќи им повторно да добијат пристап до пазарите на капитал во најкус можен рок.

Подобро е сега да се инјектира капитал во акции во банките, наместо подоцна, и подобро е тоа да се направи врз заедничка европска основа отколку да се остави секоја земја самостојно да реагира. Ова би креирало европски регулаторен режим. Регулацијата на банките на ниво на Европа го повредува националниот суверенитет помалку отколку европската контрола врз фискалната политика. Европската контрола врз банките е поподложна на политичка злоупотреба отколку од националната контрола. Во однос на вториот проблем, каматната стапка на пакетите за спасување треба да биде намалена до стапка по која ЕУ може да зајмува на пазарот. Предноста би била развивање активен пазар на еврообврзници. Овие две структурални промени можеби нема да бидат доволни за да обезбедат за земјите од еврозоната, кои имаат потреба од спасување, излез од нивната тешкотија. Дополнителни мерки, како што се „потстрижување“ за сопствениците на државен долг, можеби ќе бидат потребни. Ако бидат соодветно финансиско реструктуирани, банките би можело да го апсорбираат ова, а двете очигледни грешки што ќе ја осудат ЕУ на бесперспективна иднина ќе бидат поправени.

(Авторот е претседател на фондацијата „Сорос“ и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата

на „Проект синдикејт“.)


#