31.08.2012, 15:15

Младите не сакаат да почнуваат бизнис, повеќе се за готови работни места

Младите да аплицираат со претприемнички проекти и да ги искористат финансиите од надлежните институции за да почнат свој бизнис, апелира министерот за економија Ваљон Сарачини при посетата на фондацијата Претприемнички сервис за млади (ПСМ) инкубатор.

Тој укажа дека моментно е мал бројот на младите што доставуваат проекти за почнување бизнис и треба да се работи на подигање на свеста да аплицираат и да ги остварат своите бизнис-идеи. Министерството за економија годинава преку програмата за поддршка на претприемништвото одвои 430.000 денари, но имало само пет проекти од кои два со успешна реализација на бизнис- плановите.

Тоа, според Сарачини, покажува дека навистина е потребно да се работи многу повеќе со студентите и со сите кои имаат идеи како да ги преточат во добар бизнис-план. Добар пример за тоа е фондацијата ПСМ, која ќе добие поддршка од 240.000 денари.

Извршниот директор на фондацијата Љупчо Деспотовски се надева дека со парите што ќе ги добијат ќе овозможат отворање барем на неколку работни места во некои од компаниите во инкубаторот. „Поддршката за развој на претприемништвото е доказ дека државните институции почнуваат да сфаќаат оти организациите како што е ПСМ даваат сериозна поддршка на развојот на претпримачкиот дух во Македонија и мотивација на младите да почнат бизнис“, наведе Деспотовски.

Тој апелира сите институции да гледаат посериозно на нивната работа со оглед дека преку нивните проекти досега се отворени 300 работни места, повеќето се со извозен потенцијал. (Ек.Р.)