Понижувањето на „гаучосите“ го гледаа Џегер, Ди Каприо, Терон...
Во фудбалската лекција што Германците им ја одржаа на Аргентинците во четврт-финалето на Светското првенство во Јужна Африка присуствуваа и многу познати личности од светот на музиката и филмот. Меѓу ВИП гостите на трибините на „Грин поинт“ во Кејп Таун можеа да се забележат Мик Џегер, холивудските актери, Леонардо ди Каприо и Чарлиз Терон (родена во јужноафриканскиот град Бенони) и германската канцеларка, Ангела Меркел, која не го криеше воодушевувањето од убедливата победа на Германија.
„Воодушевена сум од она што го видов, момчињата беа фантастични. Оваа победа е како сон. Имаме млада и квалитетна репрезентација која на Аргентина не и' даде на дише“, рече Меркел во чие друштво беше претседателот на Јужна Африка, Џејкоб Зума и првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Сеп Блатер.
Пресметката меѓу Германија и Аргентина, од трибините, ја следеше и фронтменот на Ролинг Стоунс, Мик Џегер. За него ова беше четврти натпревар во кој присуствуваше на СП 2010. Претходно беше и во мечевите САД - Гана (1:2), Англија - Германија (1:4), Бразил - Холандија (1:2). |