21.08.2012, 16:21

Трајановски се мисли што да изгради на местото на градските бараки

Градот ги кани потенцијалните инвеститори да кажат во каков објект би инвестирале, оти немало интерес за планираната катна гаража

Деспина Трајковски



Градските власти ќе консултираат заинтересирани инвеститори што да предвидат да се гради на местото на бараките во Градски парк каде што со години е сместена администрацијата на Град Скопје. Со оглед на тоа дека за потребите на Град Скопје веќе се гради нова зграда и администрацијата за неколку години ќе се сели, од Градот уште од сега планираат каков објект да ги замени градските бараки.

Важечкиот урбанистички план за тој дел на тоа место предвидува изградба на катна гаража, но, според сознанијата на Градот, немало заинтересирани за инвестирање во таков објект. Од тие причини, велат, ја известуваат јавноста дека заинтересирани субјекти можат да дадат свои предлози за идната урбанистичка рамка за предметната парцела. Во известувањето е напоменато дека Градот планира да продаде градежно земјиште кое се наоѓа во Градски парк со површина за градење од 6.375 квадратни метри со намена за изградба на објекти. Градот, се вели во објавата, ги поканува сите потенцијални кандидати да искажат интерес во однос на намерата за купување и заедничко утврдување на видот на објектите предвидени за изградба на градежното земјиште.

„Во случајов целта ни е да видиме дали и какво расположение постои кај евентуалните инвеститори во каков објект би инвестирале на овој простор. Со оглед на прибраните информации и предлози, а во консултација со надлежните стручни лица ќе утврдиме каква ќе биде намената на објектот што ќе може да се гради таму. Не поставивме рок до кога да завршиме со постапката, но, бидејќи изработката на ГУП-от е во завршна фаза, предлозите ќе бидат разгледани за најмногу еден месец. Значи, ние ќе ја утврдиме намената, а сите останати детали, максимална висина на објектот и слично ќе биде утврдено со деталниот план што ќе го донесе Општина Центар“, објаснија задолжените за информирање во Град Скопје.

Од таму не знаеја да кажат како ќе се одвива понатамошната постапка, конкретно кој ќе го продава земјиштето, дали градот, или Министерството за транспорт, ниту, пак, имаа информации во чија сопственост е, државна или на Град Скопје, или можеби има и други сопственици на парцелата.

Од Градот напоменаа дека Општина Центар ќе има обврска да го усогласи важечкиот урбанистички план со ГУП-от, во чија најнова верзија ќе биде утврдена намената на објектот врз основа на интересот на потенцијалните инвеститори.

Инаку, постојниот план предвидува на местото на старите бараки во Градскиот парк да се гради катна гаража висока до 7 метри, во чии рамки е дозволен и простор за хотелско сместување. Претходниот план, пак, предвидуваше на истото место да се гради паркинг-простор и зелена парковска површина.