Падна ДДВ за становите

Градежните фирми ја поздравуваат одлуката на Владата, но велат дека таа нема драматично да ги поевтини становите

Соња Маџовска
Билјана Ангеловска




Цела Влада на чело со премиерот Никола Груевски вчера излезе на прес-конференција да соопшти дека данокот на додадена вредност се намалува од 18 на 5 отсто за изградба и промет на нови станови и станбени згради. Оваа одлука е со ограничен рок и ќе важи за период од две години.

Власта, сепак, реши земјава да ја спасува од кризата преку градежништвото. Премиерот очекува со оваа мерка да поевтинат становите за цели 13 отсто, со што ќе заживеела изградбата и продажбата на станови.

Градежните фирми, кои вчера ги консултираше „Утрински весник“, генерално, ја поздравуваат одлуката на Владата за намалување на ДДВ-то на становите за 13 проценти, но тие се едногласни дека, сепак, тоа нема да ја намали цената на квадратот за исто толкав процент, бидејќи, како што објаснуваат градежниците, ДДВ-то е само еден сегмент во формирањето на крајната цена на становите. Градежните претпријатија сметаат дека оваа одлука, впрочем, и не значи многу за фирмите, туку повеќе е придобивка за граѓаните, со оглед на тоа што тие го плаќаат ДДВ-то на крајот, при плаќањето на станот.

„Со оваа мерка, во услови на криза, ќе се стимулира изградбата на станови, ќе се помогне да заживее градежништвото, но и останатите стопански гранки поврзани со него, како што се занаетчиството, индустријата на производство на мебел и други 20 гранки. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на цената на новоизградените станови за околу 13 проценти. Тоа ќе им помогне на голем број граѓани да го решат станбеното прашање, а со поголема понуда на станови на пазарот на недвижен имот. Директниот ефект од намалената даночна ставка се очекува да доведе и до намалување на вкупната цена на станбениот простор, а со тоа и да биде подостапен за граѓаните. Со оваа мерка ќе заживее пазарот на недвижен имот во земјава, како еден од двигателите на економскиот развој во секоја земја“, изјави вчера Груевски.

Тој соопшти дека пониската даночна ставка ќе важи и за становите чија изградба е завршена или е во тек, а нивната продажба ќе се случи по стапувањето во сила на овој закон. Законот ќе се најде во Собранието до крајот на следната недела. Груевски смета дека со ова измена ќе се избегне неплаќањето на ДДВ за станбена изградба.

Според градежниците, одлуката поволно ќе се одрази, пред се', на граѓаните, бидејќи ДДВ-то практично го плаќа купувачот.

„Становите имаат големи вредности, се работи за суми од десетици илјади евра, па овие намалени проценти сигурно дека ќе се почувствуваат. Иако се' уште е рано да се каже колку точно ќе се намали крајната цена на станбениот квадрат, бидејќи немаме направено такви согледувања, сигурно е дека вредноста нема да падне за 13 проценти. Но, секако, ќе има одредено поевтинување“, вели финансиската директорка на АД „Бетон“, Сузана Здравковска, и појаснува дека крајната вредност на станот ја креираат многу фактори, како што се цената на земјиштето, на материјалите и на изведбата.

Здравкова потенцира дека „Бетон“ веќе подолго време не гради станбени објекти, туку дека е ориентиран на покапитални и постручни градби. „Апстинирањето“ од станбената изградба е од повеќе објективни причини, меѓу кои е и немањето локации за изградба, но и високите цени на становите, поради што и тешко оди нивната продажба.

Владината одлука ја поздравуваат и оние, релативно помали градежни фирми. Златко Тодоров од „Кубус“ вели дека намалувањето на ДДВ за становите претставува олеснување, особено што доаѓа во време на рецесија. Тој верува дека со овој потег ќе се зголеми изградбата, бидејќи ќе ги олабави фирмите, затоа што со намалениот данок се намалуваат средствата за нивните редовни, тековни обврски. „Но, сигурно дека нема да има ни приближно тол��аво намалување на цената на становите, колку што изнесува намалувањето на ДДВ. Зашто, формирањето на цената не е врзано само со данокот, тој е дел од административните давачки на фирмите. Но, секако, е помош за градежништвото“, вели Тодоров.

И во градежната компанија „Пелагонија“ се задоволни од ваквиот владин потег. „Намалениот ДДВ ќе влијае и ќе ги стимулира граѓаните да купуваат станови, зашто вредноста на квадратот ќе се намали за околу 10 отсто“, изјави Рита Лулевска, финансиска директорка на „Пелагонија“.

Сепак, сите градежници не се согласуваат дека намалениот ДДВ ќе ја зголеми побарувачката. Иако сите се едногласни дека е тоа добар потег, некои од градежните работници се на став дека, и покрај тоа што реално ќе се намали цената на квадратот, тоа нема многу да придонесе за поголема продажба, бидејќи граѓаните едноставно немаат пари.

Владата е убедена дека со ова мерка ќе има зголемување на приходите во буџетот, а не намалување. „Нашите проекции се дека намалувањето на ДДВ- то за становите од 18 на 5 отсто ќе има позитивни ефекти врз буџетот. Инаку, вкупниот приход од ДДВ од градежништвото се движи од 10 до 11 милиони евра, односно од 650 до 680 милиони денари годишно. Очекуваме позитивни ефекти врз основа на очекуваниот зголемен промет и продажба на станови, со пониска цена“, оцени министерот за финансии, Зоран Ставрески.



 


#