А1 ќе тропа на сите врати

Од куќа во куќа, од стан во стан, во секое парче од земјава ќе чукнат преставниците на ТВ А1 и од домаќините ќе бараат потпис, со кој ќе и' дадат поддршка на телевизијата, во овие, како што велат од медиумот, „тешки времиња“. Одговорните во А1 очекуваат акцијата да трае најмалку триесет дена и се надеваат дека ќе добијат „респектабилна бројка потписи“.

„Колку точно - немаме прецизирано, но очекуваме респектабилна бројка што декларативно ќе ја одрази поддршката на населението за А1, но и за слободата на изразување, односно слободата на медиумите, за кои сметаме дека се нарушени“, вели главниот и одговорен уредник Младен Чадиковски.

Што ќе прават со потписите, се' уште не откриваат. Чадиковски вели дека тоа ќе го објаснат во наредните денови. „Но, една респектабилна бројка би го одразила јавното мислење“, смета тој. Изминативе денови, на телевизијата на притворениот Велија Рамковски, се вртат спотови во кои се пуштаат инсерти од акцијата „Пајажина“, проследени со драматични зборови: „напад“, „упад“, „грабеж“, „обезглавување“, „линч“, кој завршува со апел до граѓаните за помош. (Г.А.)


#