ЕДИТОРИЈАЛ
Плоштадот како гротеска
Билјана Ангеловска
Идејата за изградба на црква на градскиот плоштад во Скопје, се чини, ја отвори Пандорината кутија полна со желби што се' треба да содржи центарот на главниот град. Како домино-ефект почнаа да се редат идеите за нови и нови градби. Општина Центар ја почна постапката за измена и дополнување на Детаљниот урбанистички план „Мал ринг“. Уште еднаш, по трет пат за нецели две години, се менува урбанистичкиот план за центарот на државата. И тоа не затоа што навистина има некоја неодложна потреба, туку само поради задоволување нечии желби.
Потегот не е изненадувачки, ако се има предвид кој е и како дојде на функцијата градоначалник на Општина Центар. Изборот на бизнисменот Владимир Тодоровиќ никого не возбуди, бидејќи секому во Скопје, па и пошироко му беше јасно дека таков човек е потребен за да биде нечија продолжена рака во исполнувањето на целта. А, таа, веќе сега, на само три месеци по устоличувањето на градоначалничката функција, станува видлива. Да се изгради се' што некому му се сонило.
Џамија, црква, триумфална порта, скулптури, споменици. Сето тоа ќе никне во догледно време на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Барем засега. Во што ќе се претвори градскиот плоштад? Во гротеска. Никој веќе не верува дека нешто од сето ова нема да се изгради.
Однесувањето со просторот како да е нечија дедовина, ветувањето локации, од ракав истресени, па вметнати маркички за идни објекти во урбанистичките планови, во последниве години стана редовна појава. Тоа веројатно и би поминало без многу прашина, па дури и со одобрување доколку се работи за издржани потези. Но, вака, како што сега се прави е вистинско урбанистичко силување на плоштадот.
Личните и политичките желби се моторот што ги движи извртените идеи што треба да се гради и се отфрла идеја да се слушнат паметните и стручни мозоци оти урбанизмот е наука, а не забава за лечење фрустрации. Плоштадот во Скопје не е плажа на која деца може еден ден да си прават замоци и цркви од песок, а веќе наредниот на нивно место да направат нешто друго.
Плоштадот е јавен простор на кој се градат објекти кои треба да останат долго, ако не и вечно, објекти кои ќе бидат симбол на едно време. Се прашува ли некој што ќе им оставиме во наследство на идните генерации?
Црквата, џамијата, триумфалната порта, бројните скулптури, како и споменикот на Александар Македонски, несомнено ќе бидат објекти кои на свој начин ќе имаат некаква вредност. Но, нивното значење во поширока смисла, дефинитивно, ќе го носи печатот на политичкиот волунтаризам од времето на владеењето на едни „големи Македонци“, наспроти сите други кои сакаа да гледаат во спротивен правец од нив.
Мултиетничноста на општеството, соживотот и заедничката иднина не се покажуваат и докажуваат со исполнување желби. Дотолку повеќе ако тие желби реално не може да се остварат. Владата, се чини, се залета кога на големи ѕвона најави дека ќе гради црква, бидејќи очигледно не сметаше на одиумот во јавноста за несреќно избраната локација. За среќа, реакциите во државава беа големи кои, главно, оди во една насока - дека идејата е лоша и дека ќе има последици.
Но, што од тоа? Прашање е дали власта воопшто е свесна дека со едни темелно недемократски процедури повлекува потези кои можат од темел да го разнишаат токму соживотот меѓу различните етникуми во Македонија. За жал, принципот на спроведување императорска сила во остварувањето на целта и исфрлањето на секој демократски аспект во одлучувањето е уште попоразителен кога е надополнет со незнаење и ароганција. А, токму тоа му се случува на плоштадот. И на Скопје, но што е најстрашно, на целата држава.
|