Портрет: Протоѓер
Лидерот во сенка
Помошникот на премиерот се претвора во главно оружје во политичката битка против Црвенковски
Соња Крамарска
Ако некогаш членството на ВМРО-ДПМНЕ паѓаше на коленици пред челичната леди Доста Димовска, денеска таа улога му припадна на младиот Мартин Протоѓер. Сместен во кабинет на неколку метри од својот шеф Никола Груевски, Протоѓер е неговите очи и уши. Во Владата, во партијата и во политичките кулоари.
Строг темносин костим со ракави кои се секогаш прекратки, невешто чекорење покрај премиерот, кој е за две глави понизок од Мартин, и секогаш двосмислена насмевка. Токму како што прилега на сива еминенција во владејачка партија.
Тоа е Мартин Протоѓер, или гледан со очите на политичките противници - „оној тажен лик, кој никогаш во овие четири години не собра храброст да изјави нешто во камерите, но поради тоа што е здраво ’зацапан‘ во портокаловата изродба на фамилијата и поради младоста, очигледно е најлесен на потпис“ (Андреј Петров).
Има многу причини зошто Протоѓер изгради личен бренд во политиката уште пред да наполни 30 години. Тоа не се само лабавите македонски критериуми кои полесно ќе те искачат на тронот отколку што ќе ти дозволат да созрееш како личност, туку и многу повеќе. Мартин Протоѓер му се придружи на Груевски во миговите кога ВМРО-ДПМНЕ уште беше во длабок раздор со партиската икона Љупчо Георгиевски. Односно, кога се' уште никој не веруваше дека Груевски ќе стане водач на десницата во вистинска смисла. Протоѓер е оној што го чуваше ореолот на Груевски како чесен додека владејачките социјалдемократи силно го напаѓаа за становите, а Георгиевски кроеше планови да се врати на тронот во ВМРО-ДПМНЕ.
Точно 28 години му требаа на Мартин Протоѓер од моментот на раѓањето до искачувањето на врвот. Роден е во мај 1979 година во Скопје. Магистер е по медиуми и интеркултурни комуникации на Факултетите за филозофија во Франкфурт и во Софија, во рамките на Специјалната програма организирана од Министерството за надворешни работи на Германија и Пактот за стабилност. Во текот на своето школување добил стипендии од бројни институции и престижни установи, пишува во педантно обработената биографија на Протоѓер на партиската Интернет-страница..
Работната биографија, пак, се' уште е со мал број пополнети графи. Има работено како помошник за односи со јавноста на директорот на „Медија принт Македонија“ и специјален пратеник на медиумската групација ВАЦ за Југоисточна Европа, од каде што во 2005 е катапултиран на позицијата шеф на кабинетот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога требаше Протоѓер да дојде во МПМ („Медија принт Македонија“) да го примам на работа, бидејќи јас не го знаев, имав телефонски јавувања за негов прием. Но, тие што се јавија немаа врска со ВМРО-ДПМНЕ, туку се од другата страна“. Ова тврдење, кое отвори многу прашања за политичкиот бекграунд на првиот вмровски оперативец, го изнесе генералниот директор на МПМ, Срѓан Керим, во интервју за неделникот „Фокус“. За да биде појасно, Керим дополнува дека кога вели „другата страна“, мисли на опозицискиот СДСМ.
Но, репутацијата може и да ослаби. Да се разбере кој е вистинскиот Мартин Протоѓер е многу важно затоа што тој е важна личност во владината хиерархија. На која идеологија и' припаѓа тој, каков вид десничарска провиниенција поддржува - дали народна, конзервативна или демохристијанска.
Блогерската заедница го портретира како припадник на третото колено од лозата на генералот Александар Протоѓеров, обновувачот на ВМРО по Првата светска војна. Протоѓеров бил член на ЦК на ВМРО заедно со Тодор Александров. Важел за дипломат во редовите на ВМРО. Според масонските списи од 20-тите години на минатиот век, фамилијата Протоѓер се наследници на масон. Во 1917 година Големата француска ложа ги обединува трите тогашни бугарски ложи во е��на Голема ложа на Бугарија на чие чело во јуни 1917 го поставува воениот генерал Александар Протоѓеров.
Протоѓеров е прадедо на Мартин Протоѓер. Презимето со текот на времето
варирало и во Протуѓер. Оние што работат за Мартин Протоѓер, и оние што го познаваат, велат дека тој откако влегол во ВМРО-ДПМНЕ, ја актуализирал приказната за неговото потекло, затоа што, нели, и македонската верзија на политичката десница се потпира на традицијата и семејната лоза.
Но, тоа е историјата, а сегашноста вели дека врската, пак, меѓу Мартин Протоѓер и неговиот шеф Никола Груевски ги интригира дури и нивните најблиски соработници. Ако го видите Мартин како забрзано отчукува текст порака на својот мобилен телефон, веројатно примателот е премиерот. Или обратно, пораките што пристигнуваат во серија на супермодерниот мобилен телефон на Протоѓер се најчесто од Груевски, кој му дава инструкции на својот најдоверлив соработник.
„Тој се соочува со разни проблеми и подметнувања. Тој знае што сака да постигне, тој работи, а не владее, работи со граѓаните и за нив, отворено, чесно и одговорно, кога ќе згреши, веднаш ги поправа грешките и знае да ја признае грешката“, рече Протоѓер со нескриен восхит во интервју за „Утрински весник“ за својот шеф премиерот Никола Груевски.
А за себе, пак, Мартин Протоѓер вели: „Јас би рекол дека со себе ја имам вербата во бога и тоа е она што ме води во животот“ (интервју за „Утрински весник“). Познат е по тоа што сака да користи цитати како политички поенти, и тоа цитати кои прават алузии за чесноста, моралот, етиката кои ВМРО-ДПМНЕ ги нудеше како своја препорака пред македонските граѓани кога се бореа за освојување на власта во 2006 година.
„Лагата, расипаноста, измамата, престапноста можат само да ја упропастат и најдобрата и најсправедлива кауза”, го цитираше Протоѓер револуционерот Георги Баждаров во миговите кога го презеде секретарското место во ВМРО-ДПМНЕ.
Дали?
Во согласност со досегашната практика кога славата на власта ќе почне да бледнее, први на удар се медиумите. Протоѓер, чија слава во новинарските кругови е без малку еднаква со славата на шефот на Владата Груевски, ги дели новинарите на две категории. Новинари со кои се согласува и кои му предизвикуваат пријатна возбуда кога нивните броеви ќе се појават на неговиот дисплеј на повици, а тоа се од „Вечер“, Сител, Македонската радио-телевизија и Канал 5 и новинари со кои неволно разговара. Тогаш прави долги паузи во конверзацијата, внимателно го мери секој збор и покажува патетична потреба за разбирање од другата страна.
За потребите на овој портрет во „Утрински весник“ преговорите со Протоѓер да учествува со свои коментари траеја цели два дена, а на крајот добивме едно категорично „не“. Толку од транспарентноста.
Протоѓер ќе остане запаметен по пишувањето писма, а омилена адреса му е опозицискиот лидер и поранешен претседател на државата, Бранко Црвенковски, кому му пишуваше во декември 2008 година и сега пред неколку дена. „Транзициски херој, сејач на магла, кошмар“ - се дел од атрибутите со кои Протоѓер го почести трикратниот премиер, претседател и сега шеф на опозицијата, Црвенковски, во минатонеделното писмо коешто ја разбранува и онака напнатата политичка сцена во Македонија.
„Мислевме дека тоа време е завршена приказна, лош филм што заврши, кошмар од којшто се разбудивме. Го гледам повторно сега Бранко Црвенковски. Кого сакаме да поразиме? Него. На тоа мислевме кога зборувавме за финалната битка со мрачните сили на транзицијата“, гневно пишува Протоѓер.
А сега една поинаква анализа: простата математика вели дека Мартин, кој сега има 31 година, во премиерските години на Црвенковски од 1992 до 1998 година, популарно нарекувани транзициски период, бил студент. Овој податок и кај најголемите негови поддржувачи ја отвора дилемата од каде толкав психолошки гнев кон политиките на бившиот премиер и претседател.
И што е најважно за политиката - колку автентична може да биде пораката на Протоѓер кон опозицискиот лидер без оглед што е формулирана во релевантен политички камп. Или уште појасно - дали политичкиот и возрасниот профил на младиот шеф на кабинетот на премиерот го прават соодветна личност за да испорача една толку силна порака пред македонската јавност?
За јавноста е невидливо, но младиот Протоѓер игра важна улога во процесот на преговорите за името. Тој, без малку ја има позицијата на втор преговарач (понекогаш и прв) покрај официјалниот преговарач Зоран Јолевски, а меѓу новинарите е познат и како главен брифер кога треба да се пушти малку магла околу тоа прашање.
Како и Груевски, и тој вината за нерешавањето на спорот ја гледа кај опозициските социјалдемократи. „Грците ни се чудат на овој однос на опозицијата, која само за да се врати на власт, го употребува името и им испраќа сигнали дека со нив би се договориле многу лесно во согласност со грчките интереси, што ги охрабрува, пак, да одбегнуваат секаков конструктивен договор со нас“, рече тој во неодамнешното интервју во „Време“. Еве зошто не може да се реши проблемот со името!
Четиригодишното исцрпувачко темпо во Владата и проблемите кои се испречија на патот на „чесното, успешно и транспарентно владеење“ на кое се заколна ВМРО-ДПМНЕ направија од Протоѓер ладнокрвен циник со загрижувачка количина фрустрација кон критизерите на десницата.
„Во однос на тоа дека постои застој во демократијата, не можам да видам ни еден аргумент зошто некој би го тврдел тоа. Тука ги исклучувам тие што ги сметаат за приврзаници или перјаници на СДСМ, меѓу кои се и некои интелектуалци, па и колумнисти или новинари. Тоа е една кампања за да ја прикаже оваа Влада како диктаторска“, бесно ќе возврати тој во интервјуто во „Време“.
Јавноста е поделена за и против Мартин Протоѓер исто како што е поделена за и против Никола Груевски. Но, рано е да се каже дали „ѕвездата е родена“. За некого кој е толку влијателен, уникатен во премиерското опкружување и што има направено за четири години повеќе службени посети на Брисел отколку на кафулињата на скопската култна улица „Македонија“, сето тоа е сосема доволно за солиден почеток на политичка кариера. |