Хулигани газеа се' пред себе во „Борис Трајковски“

На некои од навивачите им беше виновен инвентарот, па решија да го урнат она што државата долго го чекаше и плати за него

Наум Котевски


Наместо да биде урбан настан, каква што беше основната идеја на управите на двата вечни кошаркарски ривали „Работнички“ и „МЗТ Скопје“, првото дерби во „Борис Трајковски“ се претвори во уште една рурална пијанка. Завчера сите се движевме на работ на трагедијата. Многу лесно можеше да бидеме стаписани сведоци на првата жртва предизвикана од квази навивачка страст, во чија суштина лежи комплетната ерозија на системот. Две момчиња беа прободени со нож од еден ученик, затоа што навивале за „Работнички“.

И тоа не беше се'. На половина час пред натпреварот навивачите на МЗТ се обидоа правдината да ја бараат на терен. Практично, од трибината насилно сакаа да слезат во партерот, каде што се наоѓаа неутралните навивачи. Тие се најдоа во голема опасност, па се обидоа спасот да го најдат бегајќи во помирниот дел од салата, или пак, надвор.

„Веќе не доаѓам на кошарка. Медиумите создадоа убава атмосфера неколку дена пред мечот, па решив да го одведам детето. Но, по ова што се случуваше во салата веќе не одам никаде“, изјави еден уплашен љубител на кошарката пред излезните врати на „Борис Трајковски“.

Своја претстава имаа и навивачите на Работнички, кои исто така насилнички се однесуваа и фрлаа пиротехнички средства. На некои им беше виновен и инвентарот, па решија да го рушат она што сите во државава долго го чекаа и платија за него.

Жално е што уште еден спортски настан на таков начин е злоупотребен од оние на кои насилството им е некаков супкултурен симбол, вентил за празнење на фрустрациите, поради чие вртење престанува да тече желбата кај вистинските вљубеници во спортот. „Не бев на дербито. Не сум будала да одам. Да загинам ли“, ова вчера во краткиот телефонски разговор ни го изјави легендата на македонската кошарка Лазар Лечиќ, кого Олимпискиот комитет на Словенија го покани на прославата по повод 40 години од освојувањето на златниот медал на бившата југословенска репрезентација на Светското првенство во Љубљана. Не дека Лечиќ во својата долга кошаркарска кариера не видел инциденти. Напротив, видел и цигли и шишиња во глава, но сега, вели тој се' е излезоно надвор од контрола.

Во салата, сепак, беа присутни други легенди. Меѓу нив и Благоја Георгиевски Буштур, кој најостро го осуди вандализмот. „Тие само и' прават штета и на кошарката, и на играчите, и на спонзорите. Никој нема корист од ова. Сите тие навивачки орди треба да си најдат друг полигон каде ќе ги искажуваат своите можности и својата памет“, вели Буштур, кој апелира до налдежните под итно да се заострат казните за хулиганите.

на слично мнение е' и Драган Радосављевиќ: „На што личеше она што синоќа го видов во Борис Трајковски? На спорт? Ни случајно. Спортот и онака ни е на ниски гранки. Ваков вандализам не ни е потребен. Кому му се потребни вакви навивачи. Ако некој купи влезница сака во мир да гледа кошарка, а не да слуша разни вулгарности и рушења. Мора да се направи драстичен чекор. Да се сопре ова лудило, ако сакаме да имаме некој ред на трибините. Вака излегува дека ние практично не го сакаме тоа“, изјави Радосављевиќ.

Сосема се во право и Буштур и Радосављевиќ. Ножот е дојден до коска. Спортот е показател за нашето моралното пропаѓање. Лудилото што ни се случува некои пред неколку дена се обидоа да го стават во графата на меѓунационална омраза. Ете, завчера во „Борис Трајковски“ ги немаше навивачите на Шкендија „Балисти“, па повторно бевме сведоци на хулиганскиот принцип на воспоставување правда и вредност.

Вчера од МВР потврдија дека се приведени одговорните за инцидентите и дека против нив се покренати кривични пријави. Баш да видиме како сето тоа ќе заврши. И до сега биле приведувани иницијаторите на вакви грозни сцени, но оч��гледно казните не се соодветни. Со „две шлаканици“ нема мир.

Секогаш во ваков момент на вистината, кога стануваме свесни дека губењето на вредностите е во топла прегратка со насилството, ја споменуваме Маргарет Тачер. Таа по трагедијата во финалето во 1985 година на „Хилсбороу“ меѓу Ливерпул и Јувентус, кога загинаа 49 навивачи на италијанскиот гигнат донесе ригорозен закон. Ги извади оградите покрај теренот и им кажа на хулиганите: „Ајде сега повелете“.

Секој оној што ќе ја послуша и што ќе влезе во Англија на терен добива година и пол затворска казна. За високите парични казни и повеќегодишни забрани за влез на стадионот не треба да се муабети. И што се случи. Најзлогласните ѕверови истетовирани од глава до петици (кога тука се лепеа сликички од мастики на рака) станаа кутриња. Во тие законски мерки свој удел има и полицијата.


#