Сиромаштијата драматично расте, достигна 31,1 отсто
Стапката на сиромаштија, која е највисока во последниве години, покажува дека македонските граѓани се' потешко преживуваат
Соња Маџовска Александрија Стевковска
Сиромаштијата во земјава драматично расте. Бројките се застрашувачки, покажувајќи рекорден процент на сиромаштија од 31,1 отсто за 2009 година. Овој податок вчера го објави Државниот завод за статистика по десет дена доцнење и тактизирање. Во овој период бројките можеби се крчкаа и се шминкаа, но, сепак, статистика вчера доцна попладне, конечно, реши да ги обелодени податоците за сиромаштијата во 2009 година, според кои, процентот на сиромашните изнесувал рекордни 31,1 отсто, за разлика од лани кога таа изнесуваше 28,7 проценти, што е огромен пораст од дури 2,4 процентни поени.
Со оваа бројка се побиваат сите тези за економската преродба на Владата на Никола Груевски. Напротив, растот на сиромаштијата, која е највисока во последните години, покажува дека македонските граѓани се' потешко преживуваат. Најтешко им е на поголемите семејства, кои бројат повеќе членови, а за што Владата особено минатата година се залагаше, промовирајќи и трошејќи огромни пари за реклами, со кои ги советуваше граѓаните дека треба да имаат повеќе деца. Не е проблемот во тоа да се има повеќчлено семејство, туку како да тоа да се прехрани, во услови кога нема работа.
Според најновите податоци, најранливи се невработените, кои ги има 42,7 отсто. „Анализирано по профили, најранливи групи се повеќечлените домаќинства, имајќи го предвид фактот дека 53,7 отсто од сиромашните живеат во домаќинства со пет и повеќе членови. Стапката на сиромаштија кај невработените е 40,5 проценти, односно 42,7 отсто од сите сиромашни се невработени лица. Образованието на главата на домаќинството, исто така, влијае врз бројот на сиромашни лица, имено, 56,7 отсто од сиромашните лица живеат во домаќинства во кои носителот на домаќинството нема или има завршено максимум основно образование“, се вели во соопштението од Државниот завод за статистика.
Податоците за сиромаштијата, со оглед дека станува збор за 2009 година, периодот на кризата и на многубројните отпуштања во стопанството, потврдуваат дека Владата бадијала се фалеше оти земјава најлесно ја пребродила кризата. Напротив, како што прогнозираа многумина експерти според сите економски параметри, очекувано беше процентот на сиромаштијата да биде повисок од претходниот за 2008 година, што, секако, не и' оди во прилог на владејачката гарнитура во сегашниот политички момент.
„Алармантно сочувствувам со граѓаните, кои во државава живеат во мизерни услови, а ги има многу, што го докажуваат и најновите статистички податоци за сиромаштијата лани. Процентот од 31,1 отсто сиромаштија е највисок досега и само докажува дека економската политика на оваа Влада е лоша и дека токму таа ја продуцираше олку високата сиромаштија. Колку и да се зборува за придобивките на високиот економски раст во 2007 и во 2008 година, факт е дека бенефитот од тој раст отиде кај богатите, додека, пак, последиците од економската стагнација и рецесија минатата година веднаш се одразија врз сиромашните маси, регрутирајќи нови и нови лица во нејзините редови“, вели економскиот аналитичар Ден Дончев.
Според него, висината на процентот на сиромаштија е доволен сигнал Владата да преземе нешто за нејзино намалување. „Ако бројката за сиромаштија не е доволен сигнал дека итно треба да се преземе нешто за нејзино редуцирање, јас не знам што би било клучно за Владата да се реши да ја намали сиромаштијата“, додава Дончев.
Сиромаштијата во изминатите години, и покрај силните ветувања на сите влади за нејзино намалување, никако да оствари значајни надолни поместувања. Така, во 2004 година таа изнесуваше 29,6 отсто, во 2005 година била на ниво од точно 30 проценти, додека во 2006 година имала благ пад, 29,8 отсто. Во 2007 година стапката на сиромашни била измерена на 29,4 проценти, а во 2008 година изнесувала 28,7 проценти. Експертите одамна апелираат дека за да се намали сиромаштијата, како и невработеноста, која достигна стапка од 33,5 отсто, потребна е стапка на економски развој од најмалку пет, шест или седум отсто годишно, и тоа континуирано во период од десетина години, што досега не се случило.
Според светските стандарди, сиромашни се оние семејства што имаат да потрошат два долара дневно. Нашата Статистика не ја дава конкретната сума со колку пари живеат македонските семејства што се класифицирани како сиромашни. Линијата на сиромаштија кај нас е дефинирана како „ниво на животен стандард што треба да се достигне за едно лице - домаќинство, да не биде класифицирано како сиромашно“.
Скапотијата, пак, што почна да пламнува во последните месеци, уште повеќе ќе ги дотепа сиромашните. Економската состојба на граѓаните наскоро ќе стане уште полоша, а најзагрозената група, невработените и сиромашните, ќе продолжат да тонат во социјалната бездна.
|