11.05.2012, 18:00

Едиторијал

Потребен е разум, а не емоции

Даниела Трпчевска

Повеќе илјади граѓани вчера протестираа во шест града во земјава, извикувајќи „Ние сме муслимани, не сме терористи!“ Со силно полициско обезбедување, толпите млади луѓе кои се собраа пред џамиите по пладневната молитва во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга беа следени на нивната маршрута.

Црн петок се најавуваше со денови преку социјалните мрежи, што доведе до поширока вознемиреност меѓу населението. Сепак, апелите кои државниот врв, политичките партии и меѓународната заедница ги упатија за достоинствено и мирно протестирање, даваат надеж дека постои свест за тоа што е штетно а што е корисно за земјава и за сите нас.

На скопските улици се собраа неколку илјади Албанци, протестирајќи за приведувањата на групата за која се тврди дека се следбеници на радикалниот ислам. Тие незадоволството го изразија со мирен марш. Извикуваа „УЧК, УЧК“ и фрлаа камења кој Владата, но за среќа не успеаја да го скршат веќе напукнатиот прозорец од кревката мултиетничка зграда наречена Македонија.

Во некои од градовите учесниците на протестите можеа да се избројат на прсти, што само ја потврдува бесмисленоста и погрешно одбраниот момент да се излезе на улица и да се протестира, без конкретна цел и повод.

Организаторите на протестот „Стоп за монтираните политички процеси“ велат дека се залагаат правдата да излезе на виделина и убијците на момчињата да бидат казнети, и дека им се „навредени верските чувства и достоинството на неправедно уапсените сестри“. Но од каде тие знаат кои се а кои не се убијци, ако не дозволат да се спроведат со закон предвидените процедури?!

За правдата да излезе на виделина, она што е потребно во овој момент и од протестантите и од поддржувачите на контрапротестите кои се закажани за денеска, е да ги остават истражните органи да ја завршат истрагата, без притисоци, на транспарентен, непристрасен и професионален начин. Само на тој начин ќе се релаксира целото општество на кое му е зададен силен удар со убиството на петтемина кај Смилковско езеро.

Никој не го оспорува фактот дека виновниците треба да одговараат, како што е јасно како ден дека во злосторството не учествувале сите Албанци, ниту пак сите верници на исламската верска заедница можат да се поврзат со радикалниот ислам. Но, протести колку само да се протестира, се контрапродуктивни и ретроградни во овој момент.

Имајќи ја предвид чувствителноста на моментот, кршливите меѓуетнички односи, но и се' уште неокончаната истражна постапка за Смилковци, најавите за масовни собири доживуваат осуда од сите страни, токму поради стравот дека можат да нанесат штета на заедничкиот живот кој се гради со децении.

Допрва ќе видиме кој е резултатот од вчерашниот протест, кој многумина го протолкуваа како вовед во напрегнат викенд. Можеби и тоа беше причината за силното влијание и апели на политичките партии и верските заедници, за да пресретнат секаков обид за политичка злоупотреба на протестите. За поздравување е што и албанските партии ДУИ и ДПА ги повикаа своите членови и симпатизери да бидат внимателни.

Сега како предизвик остануваат денешните контрапротести пред Владата, каде Македонците најавуваат дека ќе го изразат својот револт против радикалните струи и петкратното убиство кај Смилковци. Всушност, најдобро е тие да не се одржат, за да не се создаде спирала од протести и демонстрации на меѓуетничка основа, што во моментов не и се потребни на Македонија.