Помалку работни часови - помала плата

За бизнисмените е бадијала барањето субвенционирање на дел од работните часови кога Владата нема пари

Соња Маџовска

Работодавците веднаш се загреаја за барањето на Синдикатот да се намали бројот на работни часови од 40 на 32 или на 36, со што нив ќе им се намалат трошоците за придонеси, но за работниците тоа ќе значи пониски плати. Дел од работодавците сметаат дека без разлика што бара Синдикатот, а и тие го имале истото барање уште пред една година, Владата сега и да сака, не може да го исполни ова барање зашто нема пари во буџетот.

И ССМ и бизнисот се' погласно ја повикуваат Владата да се однесува домаќински и да не троши пари за споменици, туку за мерки со кои ќе се најде вистински излез од кризата.

„Македонија е скапа држава, а сака во услови на криза кога опаѓа прометот на сите нивоа кога се намалуваат приливите од даноци, да се споредува со светските економии. Не знаеме колку државата им должи на фирмите, секој ден се трупаат долговите за невратено ДДВ. Очигледно е дека во буџетот има малку пари, а и тие се трошат непродуктивно. Владата треба да работи домаќински за да се преброди кризата“, изјави вчера Димитар Стојановски од Организацијата на работодавци. Според него, оваа мерка ќе дала резултати ако Владата ги послушала и уште лани ја применела.

Работодавците велат дека со оваа мерка ќе им се намалат придонесите, а со тоа и трошоците. „Тоа беше идеја и на работодавците, ама добро е што ја предложи Синдикатот зашто Владата нас не не' слуша. Намалувањето на работното време ќе се одрази врз пресметките по основа на придонеси за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување. Сега нема флексибилност во пресметките. Според сегашниот Закон, работниците мора да ги пријавиме или на 20 или на 40 работни часа. А има фирми на кои не им одговара ниту едното ниту другото. Доколку се намали работното време од 40 на 30 часа, ќе се намалат и придонесите од 6.000 денари на околу 4.800 денари“, вели Миле Бошков од Конфедерацијата за работодавци.

Работодавците се правдаат дека без разлика што оваа мерка ќе повлече и намалување на платата за работниците, поважно било тоа што нема да бидат отпуштени. „Може и да се намали, но и да остане иста, но важно е што нема да бидат отпуштени од работа и нема да се зголемува невработеноста. Владата треба да најде начин како ќе се пресметуваат придонесите според намалениот број на работни часови. И Владата треба да има доверба во работодавците, а не секој месец да ни ги проверуваат пресметките за плати. Се' се врти околу парите. Тие пари што се даваат за придонеси се голем трошок за работодавците, особено сега во време на зголемена неликвидност и намален обем на работа“, вели Бошков. Тој најави дека многу брзо ќе излезат со истражување што го направиле меѓу земјоделците, според кое, тие воопшто не биле заинтересирани за пријавување работници, токму поради високите придонеси. Земјоделците особено не биле заинтересирани да ги пријават сезонските работници. Работодавците ја повикуваат Владата да најде начини како да се реши ова прашање, со што поголем број работници ќе се пријават за да не се работи во сиви или црни зони.

Владата засега отворено не соопштува дали ќе ги прифати барањата на Синдикатот, освен дека ќе бидат разгледани.

Од коморите, пак, велат дека тие се повеќе за донесување економски мерки за подобрување на бизнис-климата, за инвестирање во инфраструктурата, за привлекување странски инвестиции со кои ќе се отворат нови работни места, што ќе влијае да се зголеми конкуренцијата и продуктивноста.


#