ДПА и ПДП се спојуваат за создавање посилен политички субјект
Идејата станува стварност: од една од поранешните средби на ПДП и ДПА
На вчерашните разговори учествуваа највисоките партиски раководители
Гојко Ефтоски
Тетово - Двата политички субјекта на Албанците во Македонија ДПА и ПДП се пред нивна меѓусебна интеграција. Вчера официјално започнаа да се процесуираат иницијативите на претседателите на двете партии кои почнаа со поблиска соработка, а ќе финишираат со обединување, поточно со присоединување на ПДП кон ДПА. Со тоа најстарата политичка партија на Албанците во Македонија, ПДП, ќе престане да постои, а нејзиното членство ќе се вклучи во четири години помладата ДПА, која произлезе од партијата што практично престанува да функционира.
На вчерашните почетни разговори, кои беа најавени како заеднички работни средби, учествуваа највисоките партиски раководители. Работната група на ДПА ја предводеше Мендух Тачи со двајцата потпретседатели Бесим Догани и Имер Селмани, како и генералниот секретар Имер Алиу, а на исто рамниште беше застапена и ПДП со Абдулади Вејсели, Исмет Рамадани, Риза Шабани и Земри Елези. Разговорите се водеа зад затворени врати во седиштето на ДПА, а на крајот од средбата на новинарите им се обратија генералните секретари. „Политичката ситуација во земјата, посебно на Албанците, е влошена. Особено од начинот на работата на парламентарното мнозинство и со донесувањето на новиот Деловник за работа на републичкиот законодавен дом. Нашите две партии и досега соработуваа, но нерешената ситуација бара окрупнување, пред се', заради посилно артикулирање на Албанците во Македонија“, рече Имер Алиу, генерален секретар на ДПА. Според Алиу, двете партии немале досега никакви несогласувања, дека биле на десната страна во политичкото дејствување и дека имале слични програмски определби.
Генералниот секретар на ПДП, Земри Елези, најнапред информираше дека по обелоденувањето на идејата за потесна соработка, а потоа и за меѓусебна интеграција надлежните органи на двете партии ја разгледувале идејата и формирале работни тела за да се анализираат сите поединости со крајна цел - меѓусебно обединување. „Аргументите се дека двете партии имаат слични програми и двете се десно од центарот и со цврсти ставови за интеграција на Македонија во евроатлантските структури - НАТО и ЕУ. Жално е што се случува во парламентот каде што се донесуваат закони со невидена брзина, како што е случајот и со Деловникот за работа на Собранието. Сето ова бара побрзо интегрирање на нашите две политички партии“, констатира Елези.
На новинарско прашање за реакциите на членството со згаснувањето на ПДП, Елези рече: „Меѓу нашето членство нема негативни реакции. Имаме полна поддршка. Реакции се јавуваат само од одделни поединци кои веќе не се во нашите редови, туку се приклучиле на други политички партии. Вистинското членство е за ставовите изградени на седниците на органите на партијата и на претседателот“.
Двајцата генерални секретари најавија дека во иднина ќе има почести среќавања на работните групи заради интензивирање на поединостите и детализирање на се' што евентуално е отворено до остварувањето на заедничката цел за меѓусебно обединување. |