Елизабет Харли

Развод по петгодишен брак

Британската убавица Елизабет Харли се разведува од индискиот милионер Арун Најар по пет години брак. Актерката по разводот, би можела да изгуби голема сума од својата заштеда, која изнесува 13 милиони фунти. И покрај репутацијата што ја има тајкунот Арун Најар, неговото богатство значително го надминува нејзиното. Магазинот „Дејли мејл“ открил дека парот не потпишал предбрачен договор пред нивната раскошна венчавка во Индија и во Велика Британија.

„Арун не сакаше да потпишат предбрачен договор. Тој има своја гордост“, кажал извор близок на парот. Госпоѓата Харли соопштила пред два дена дека нејзиниот брак со милионерот е завршен во моментот кога во јавноста се појавија фотографиите на кои таа се бакнува со играчот на крикет, Шејн Ворн.

Еден весник пренесува дека убавата Британка поминала две ноќи во хотел во Лондон со австралискиот срцекршач, па додава дека таа се подготвува да го посети Ворн за Нова година во Мелбурн.

„Сакам да ве известам дека со Арун се разделивме уште пред неколку месеци. Со овој факт беа запознати нашите семејства и пријателите“, напишала Лиз на својот профил на „Твитер“.

Меѓутоа, како што пишува „Сан“, пред само шест недели, познатата актерка изгледала многу среќно на семејниот одмор во Индија, со својот, сега веќе бивш сопруг.

„Тие ги носеа своите бурми и уживаа на интимна вечера. Ние не разбираме што се случи“, рекол еден нивни близок пријател.


#