Велија се пишмани, новинарите биле кабает

„Тоа беше страшен афект!“ изјави Рамковски во интервју за Алсат-М

Светлана Унковска

По нецела недела од случувањата на „Перо Наков“ б.б. кога А1 обвини дека се врши упад во телевизијата и дека на новинарите им е загрозена слободата на движење и работење, а сопственикот Велија Рамковски посочи дека добивал пари во кеш од Владата, тој во вчерашното едночасовно интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат-М телевизија настапи со целосно спротивни ставови. Самиот Рамковски сега оценува дека во ситуацијата се претерало и дека сето тоа било резултат на една еуфорија, а тоа што го рекол за парите - било во состојба на афект.

Во меѓувреме, од програмата на А1 беа симнати спотовите со снимките од мешаницата пред телевизијата, а главниот уредник Младен Чадиковски во уреднички коментар им се извинува на граѓаните и признава дека во информирањето се направени грешки.

Се огласи и премиерот Никола Груевски, кој случајот со А1 го окарактеризира како злоупотреба од страна на СДСМ и целата опозиција и демантира дека трошел пари од буџетот за да ги исплати изборните реклами од партијата. „Во тој налет, во таа еуфорија, во тој би рекол специфичен психолошки момент, тој афект траеше подолго време од - 25 ноември, мислам дека ние претеравме. Мислам дека и новинарството претера. Гледачот информирај го! Мислам дека тука згрешивме. Затоа го прекинуваме тоа и повикуваме, многу чисто и јасно, инспекциите да си ја продолжат непречено својата работа. Нема што да криеме!“, вели Рамковски, кого вчера Општина Охрид го прогласи за добитник на Светиклиментовата награда.

За обвинувањата што јавно ги изнесе - дека парите што ги пронашла полицијата во еден стан во скопската населба Чаир се добиени во кеш од премиерот Груевски, кој на тој начин му ги наплатил партиските реклами на ВМРО-ДПМНЕ, сега вели дека биле изречени во афект.

„Тоа, би рекол, беше страшен афект. Револт беше. Јас немам поим чиј е тој кеш. Маркетинг-службата даде известување преку ’Шпиц’, ’Време’ и ’А1’ колку пари плати Владата од буџетот за рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ. Парламентарните избори во 2006, 2008, локалните избори во 2009, претседателските избори 2009 целосно се платени од буџетот.... Никогаш јас не сум земал кеш, ниту денар, ниту евро“, тврди Рамковски, кој притоа негира дека е поврзан со шесте фирми на истата адреса со телевизијата, за кои Управата за јавни приходи и Финансиската полиција се сомневаат дека од земјава се одлеани неоданочени 7,5 милиони евра.

„Што можам јас да направам? Не е мое да правам или да не правам. Ако се најде криминал во одредени фирми каде што си има основачи, си има директори, немам јас што да правам, законот ќе си ја прави својата работа!“, рече Рамковски во вчерашното интервју за Алсат-М.

Со објаснување излезе и главниот и одговорен уредник на А1 телевизија, Младен Чадиковски, кој, слично како и неговиот сопственик, тврди дека еуфоријата го направила своето. Во уредничкиот став тој наведува дека веќе четврти ден се сведоци на невидена медиумско-политичка бура во која во центарот на вниманието се А1 и нејзините новинари. Тој останува на констатацијата дека новинарите на А1 биле спречени да излегуваат од телевизијата, со што им била ограничена слободата на движење и дека полицијата не сакала да им даде никакво објаснување за тоа.

„Под притисок на нашата основна задача - слободно информирање, го отворивме студиото. Дојдоа многу граѓани, опозиционери, лидери на партии, интелектуалци. Дојде уште повеќе полиција, комбињата се паркираа едно по едно, се блокираа улици, пред и во кругот на А1 се распоредија специјалци. Под притисок на загрозена физичка слобода почувствувавме дека е загрозена слободата на говорот, емоциите пораснаа, се створи еуфорија. Дали во тој хаос направивме грешки? Дали на моменти реагиравме емотивно? Дали се поткрадна некој новинарски лапсус? Се разбира. Им се извин��ваме на граѓаните за тоа“, вели во своето обраќање главниот уредник на А1, Чадиковски.

Тој им порача на партиите да ги тргнат рацете од телевизијата, бидејќи немало да потклекнат на никакво партиско влијание.

„Уредувачката политика на А1 не ја води ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту која било партија. Но, ниту на едните ниту на другите ќе им ја затвориме вратата кога ќе сакаат да дојдат во студиото. Тоа не значи дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ можат да стават капа на А1“, порачува Чадиковски.

Медиумскиот скандал што деновиве ја окупираше јавноста, според премиерот Груевски, е злоупотреба на СДСМ и на опозицијата, кои ја искористиле ситуацијата да манипулираат со јавноста. За обвинувањата од Рамковски дека од него добил кеш пари за исплата на изборните реклами, тој вели: „Тоа беше една злоупотреба на ситуацијата на државните институции, кои сакаа да направат контрола во одредени фирми на ’Перо Наков’ б.б. и обид за манипулација од тоа да се прикаже дека некој сака да направи некој медиум да биде опседнат од полицијата“, изјави Груевски, кој вели дека тој не е изненаден, бидејќи СДСМ и во други наврати се обидувала да ја манипулира јавноста. Во врска со изјавите за уривање на власта, рече дека „тоа е израз на нервоза во опозицијата и СДСМ и стил на дејствување на Бранко Црвенковски во изминатите години и децении“. (Св.У.)


#