Поглед
За Тоше без политика
Катерина Шекеровска Завчерашното појавување и говорот на премиерот Никола Груевски на хуманитарниот концерт посветен на трагично загинатата македонска поп-икона Тоше Проески предизвикаа лавина реакции. Дали местото на Груевски беше на сцената на Градскиот стадион на датум кој со огромна болка го одбележуваа и земјава и Балканот, потсетувајќи се на непреболеното македонско грло Тоше Проески.
Тоше беше аполитичен. Ги почитуваше сите, но никогаш не зазеде страна. Затоа и не е убаво по неговата смрт некој да се кити со туѓи пердуви. Во толку чувствителен момент навистина не беа потребни политичари на сцената.
Честа да бидат дел од ваков концертен спектакл ја имаа најблиските соработници, колеги и пријатели на Проески, кои специјално допатуваа од соседството, но и од подалеку за да и' оддадат чест на македонска пејачка ѕвезда.
За политиката немаше место на Градскиот стадион, па дури и во случај кога Владата е покровител на целиот настан. Зашто тоа по автоматизам не подразбира говор на премиерот на толку чувствителен собир, а уште помалку и доделување статуета за хуманост што му беше врачена на Груевски. Зарем најблиските соработници на Тоше не се оние што имаат поголемо право на неа?
Основната цел - продолжување на хуманото дело на Тоше завчера се исполни. Над 45.000 публика, 30 милиони ТВ-гледачи и аудиториум на неколку континенти ја исполнија желбата на Тоше – да им се помогне на другите, цел што ја следеше целиот свој живот. Единствено сенка фрли настапот на Груевски и неговиот обид за нови политички поени и подигнување на рејтингот. Само што овој пат ги згреши и местото и времето. Публиката го дочека со свирежи и скандирање „Тоше, Тоше“. Тоа беше вечер на Тоше, а не на политика.
|
|