Осомничениот за убиството во Охрид тајно префрлен во Албанија?

Драган Ѓорѓевиќ (29) од Лесковац, еден од осомничените за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ (34) во Охрид, по злосторството тајно бил префрлен во Албанија. Ова го пишува српскиот весник „Ало!“, кој повикувајќи се на добро упатени извори, информира дека косопственикот на клубот „Хавана“, Митре Костовски, кој, исто така, е уапсен, му овозможил на Ѓорѓевиќ утрото по убиството да побегне на тајна локација во Албанија. Сомнежите се дека оттаму пребегал во Грција.

Горан Периќ, кој во моментот на убиството бил заедно со нападнатиот српски турист, за весникот „Ало!“ сведочи дека двајцата биле нападнати без никаков повод од група локални криминалци и наркодилери.

„Вечерта, враќајќи се во нашата соба, одлучивме да свратиме до клубот ’Хавана‘, за да се забавуваме малку. Тогаш еден од напаѓачите во метежот не поттурна со рамото, но јас и Дејан не реагиравме на тоа. Тогаш дотрча обезбедувањето, кое не' истурка кон вратата на клубот, каде што не' чекаше разлутена толпа. Започна масовна тепачка, а ние двајцата се обидувавме да се одбраниме. Во еден момент го изгубив Дејан од пред очи, а подоцна дознав дека починал на пат кон болницата“, ја раскажува својата потресна исповед Горан Периќ за белградскиот весник, по завчерашниот погреб на својот пријател.

Како што пишува „Ало!“, на лицето на Периќ се' уште се видливи трагите од физичкиот напад. „Не' нападнаа локални криминалци и наркодилери кои со години ги тероризираат граѓаните на Охрид. Го држат цел град, а сите тие имаат досиеја во полицијата и и' се познати на властите. Еден од полицајците, кој ме чуваше буквално 24 часа, ми призна дека и него го претепале, пред неколку години, со пиштол по главата“, тврди Периќ. (Х.Р.)


#