Колку е безбедно македонското небо

Слабости се забележани во имплементацијата
на безбедносните процедури и во делот на човечките ресурси

Соња Маџовска


Европската комисија бара посигурно македонско небо. Во извештајот за напредокот на Македонија објавен вчера, се констатира дека е направен ограничен напредок во областа на воздушниот сообраќај. Особено се потенцирани слабостите во делот на имплементирање на процедурите за безбедност во авиосообраќајот, и во делот на човечки ресурси, при што е констатирано дека вработените во воздушната пловидба имаат недостиг од соодветно искуство, а во Министерството за транспорт и врски и натаму има недостиг од квалификуван кадар за воздушниот сообраќај. „Ограничен напредок може да се забележи во областа на воздушниот сообраќај. Усвоена е легислатива со која се имплементира Законот за воздушен сообраќај со осврт за дополнително регулирање. Агенцијата за цивилна воздушна пловидба е претворена во одделно регулаторно тело. АЦВ издаде лиценца за обезбедување воздухопловни услуги на државно акционерско друштво. Делови од првата фаза на Договорот за заедничка европска воздухопловна област се однесуваат на условите за пристап на овој пазар, менаџмент со воздушниот сообраќај и за безбедност во авиосообраќајот, а безбедносните процедури не се имплементирани,“ се вели во извештајот на ЕК. Забелешки има и во делот на човечките ресурси.

„Човечките ресурси во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба не се зајакнати. Неодамна ангажираниот персонал од компанија за воздушна пловидба има недостиг од соодветно искуство. Одделот за воздушен сообраќај при Министерството за транспорт и врски се' уште има недостиг од квалификуван кадар. Административниот капацитет во Секторот за воздушен сообраќај треба да биде зајакнат, особено во смисла на квалификации на персоналот. Подготовките во оваа област се малку унапредени“, констатирала Европската комисија. Поранешниот директор на АЦВ, Зоран Крстевски, се пожали дека подолг период барале да вработат нови лица во делот на инспекциските служби, но тоа не им било одобрено од Министерството за финансии. „АЦВ иако има потреба од 13 нови вработувања, во изминативе две години баравме да ни се дозволи да вработиме барем двајца инспектори во делот на контролата на летање. АЦВ иако не бара пари од буџетот досега не добивме дозвола за да вработиме нови инспектори. Со новата поставеност Управниот одбор на АЦВ ќе може да го направи тоа, односно со новата финансиска програма ќе ги предвиди тие вработувања“, изјави вчера за „Утрински весник“ Зоран Крстевски. Тој иако поднесе оставка уште во мај, се' уште ја извршува функцијата прв човек на Агенцијата, се' до завршувањето на постапката, која е во тек за избор на нов директор на АЦВ. Од Македонска навигација, под која спаѓаат контролорите на летање, вчера ни изјавија дека не сакаат да го коментираат извештајот на ЕК, се' додека не го видат, но оттаму уверуваат дека оваа институција располага со стручен кадар. Од Министерството за транспорт и врски, пак, информираат дека во тек се постапки за нови вработувања во Одделот за воздушен сообраќај. „Министерството за транспорт и врски објави огласи за вработување на три лица во Секторот за воздухопловство, и тоа еден помлад соработник и двајца советници по што донесени се решенија за вработување на еден советник за аеродроми и аеродромски услуги и еден советник за стратешки план и економски развој на цивилното воздухопловство“, се вели во соопштението од Министерството. Оттаму уште еднаш потврдија дека со измените на Законот за воздухопловство, за вработување на идни кадри во АЦВ, како независно регулаторно тело нема да биде потребна согласност од Министерството за финансии. ЕК како позитивно го нотира носењето европската легислатива за воздушен сообраќај, и смета дека тие се правилно променети, но во извештајот се вели дека се потребни дополнителни напори за комплетирање на регулаторното порамнување со единственото европско небо внатре во рамките на ИСИС-програмата. ЕК препорачува македонските власти да формираат посебен Комитетот за истраги на авионски несреќи, кој треба да го зајакне својот капацитет да дејствува како независно тело за истражување на несреќи и сериозни инциденти, а не како досега да се формираат ад-хок комисии, за истражување на одделни несреќи.


#