Инцидентот во Лерин стигна во Брисел

Со насилство не се прави нација во 21 век, порачаа во ЕУ лидерите на Виножито

Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска

Брисел- "Дискриминацијата против македонското малцинство и дефицитот на демократијата не можат веќе да се кријат во Грција", порача вчера Павле Воскопулос, лидер на Виножито, партија околу која гравитираат Македонците во Грција, по разговорите и средбите во Европскиот парламент во Брисел. Воскопулос заедно со Атанасиос Парисис деновиве го издигнаа на европско ниво инцидентот во Лерин, презентирајќи во Европскиот парламент информации, документи и снимки од тепањето на претставниците на македонското малцинство поради противењето на воените вежби.

"Во наредните денови и недели очекуваме да се поставуваат прашања за проблемите на македонското малцинство во Грција, за бруталноста и за демонстрацијата на сила во Забрдани и сигурни сме дека ова се први чекори за позитивна измена на нашите права", изјави Воскопулос.

Според него, не се знае се' уште дали ќе бидат поведени судски постапки од страна на грчките органи против учесниците во протестите, но има информации дека притисокот врз нив ќе продолжи. Притоа, тој ја отфрли реакцијата за приведувањето на новинарите од Македонија на грчкиот владин портпарол Јоргос Кумуцакос како невистинита, бидејќи тие не снимале никакви воени објекти од едноставна причина што таму нема воени објекти.

"Кумуцакос, како наш сограѓанин, лаже и ја дезинформира грчката јавност и пошироко. Тој тврдеше дека четворицата новинари се приведени поради снимање воени објекти во овој регион и со тоа не ги претстави реално состојбите. Таму нема воени објекти, туку само терен, а целта беше само да се тероризираат на некој начин македонските новинари", рече Воскопулос.

Околу дилемата дали интервенцијата на премиерот Никола Груевски, кој сите соговорници во Брисел неделава ги запозна со случувањата во Лерин, им помага или им ја отежнува уште повеќе позицијата во Грција, Воскопулос порача дека секое отворање на прашањето на дискриминацијата на македонското малцинство во секоја институција е добредојдено.

"Секој премиер, од која било европска држава, може слободно да го постави прашањето за дефицитот на демократија во Грција, на кој било форум и институција, особено овде во ЕУ, заради одбрана на европските принципи, на нашата заедничка и прогресивна Европа и за да нема веќе црни дупки каква што е Грција во Унијата", рече тој.

Реагирајќи на последниот предлог на Метју Нимиц, ни Парисис, ни Воскопулос не гледаат основа да се преговара за идентитетот на нацијата. "Прашањето за идентитетот не' допира и нас. Ако се смени тој во Македонија, што е друга држава, нема сила која може да ни го наметне истото и нам. Ние ќе си останеме македонско етничко малцинство", изјави Парисис. Според него, и Македонците во Грција треба да бидат прашани за став околу решението за ова прашање.

"Апсолутно право на секој народ и држава е да си го бира името и идентитетот. Секое оспорување на ова право е проблем на тој што го оспорува, бидејќи покажува дефицит во основните човекови права и правата на самоопределување", смета Воскопулос.

"Ако признае постоење на македонска нација, Грција ќе мора да признае и постоење и на македонско малцинство. Не може на Грција, заради недоволно смислената одбрана на својот идентитет, да и' се дозволи да држи еден народ надвор од процесите во Европа. Грција креира и конструира нација веќе два века и не може да го затвори се' уште тој процес. Наше е да докажеме дека нација со насилство не се креира во 21 век. Тоа треба да го сфати Грција, и нејзините и нашите партнери во Европа, кои треба да покажат елементарна солидарност со македонскиот народ, а НАТО и ЕУ да креираат друга политика за да може и тој да се вклучи во тие процеси", смета Парисис.

Кошмарот на грчкиот естаблишмент, според него, е токму влегувањето на Македонија во ЕУ, што ќе овозможи можеби некој од нив, од македонското малцинство да биде избран како европратеник во Македонија, како што се случи со каталонскиот европарламентарец кој беше избран во Франција. Тоа ќе биде друг начин на борба на македонското малцинство во Грција, бидејќи тој парламентарец ќе може да дојде во ЕП и да каже дека е претставник на малцинство што не се признава и чиј јазик не се признава во Грција.

Дотогаш, Виножито ќе го користи членството во Европската слободна алијанса и планира да учествува и на изборите за Европскиот парламент идната година. "Тоа е наша должност. Ние ќе се кандидираме на следните европски избори и ќе бидеме уште погласно присутни овде, со нашите барања и позиции за подобра иднина на грчкото општество", најави Воскопулос.

Тој додава дека сега има многу политика околу настаните во Лерин и тие сe уште една причина за оцрнување на македонското малцинство од грчките националисти и од грчките медиуми, од кои 99 отсто секогаш наоѓаат во нив конспиративна логика, агенти на Скопје или антигрчки граѓани.