Да се извлечат хрватските тешки центри од рекетот

Тоа е рецептот на селекторот Арсиќ за успех во денешниот последен натпревар од групата со Хрватска

ПОЗНАЊ - „Хрватска има тешки центри и ќе мора нашите високи кошаркари да се потрудат да ги извлечат од рекетот. Гечевски и Антиќ знаат да погодат за три. Со евентуален нивен добар стартен шут би успеале да ја развлечеме нивната позициона одбрана“, кажа селекторот Арсиќ завален во едно од старите столчиња во салата за прес конференции во хотелот „Новотел“, каде што се сместени македонските репрезентативци, но веднаш додаде дека во денешниот последен наш дуел во групата против Хрватска (16.30 часот) не смее само да се потпреме на тоа дали ќе фати или не шутот.

Тој исклучи било каква можност за некакво опуштање и при евентуална вчерашна победа против Израел. „Ова е европско првенство и на сите натпревари се игра максимално сериозно. Треба да се спојат многу елементи за да ја совладаме Хрватска. Мора да се игра поцврста одбрана за да може да функционира трансформацијата. Кога ќе примиш кош во неколку напади едноподруго, а во нападот нема да реализираш целиот тим психолошки паѓа. Мора побрзо да се движи топката, побрзо да се реагира на ’пик енд рол‘, да се подобри скок играта“, резонира Арсиќ.

Инаку, познато е дека со Хрватска игравме пред само неколку дена во финалето на Ефес купот во Турција, кога загубивме со осум разлика, но пруживме достоен отпор. На тој меч Арсиќ калкулираше и не го пушти во игра Антиќ, од кого денеска очекува голем придонес.

Хрватска, која има голема желба за медал (не го освоила цели 14 години) го совлада тесно Израел во првиот меч и не импресионираше со својата игра. Доколку не погодеше плејмејкерот на Милвоки Роко Лени Укиќ на 30 секунди до крајот за пет поени разлика, се можеше да се случи. Во тимот на Јасмин Репеша нема ѕвезди. Тоа се гледа и по учинокот на кошаркарите против Израел. Укиќ, Кус и Поповиќ постигнаа по 13 коша, Вујчиќ 19, а Планиниќ седум. (Н.К.)


#