Си велам

Како растеше Александар

Ерол Ризаов

Денешните Грци и Македонци се мразат оти многу си личат

Како што растеше споменикот на Александар Македонски и славата на Никола Груевски, така паѓаше Македонската берза. Како што го дигаа Александар јавнат на Букефал на скопскиот плоштад и како што лебдеше еуфоријата до небото, така се ширеше сиромаштијата на земјата. Колку сме поблиску до облаците, толку сме подалеку од реалноста. Додека како тесто брзо настасува достоинството на Македонецот од новооткриеното славно минато и од уште пославните предци, така уште побргу спласнува гордоста од нашата бедна сегашност и неизвесна иднина. Како што стануваме се' погорди и помали пред грандиозните спомениците на туѓи цареви и кралеви, така сме се' поништожни пред нашите големи македонски дејци што ја фрлиле мајата на плодна почва да се роди Македонецот. Ги забораваме нив оти зборуваме на ист јазик што го разбираме, оти не ги прочитавме и не ги прифативме нивните писанија и пораки, оти останавме рамнодушни зашто загинале млади, ги забораваме оти ни кажале што треба да знаеме за однапред... а никогаш не ги послушавме ниту одназад. Ги забораваме оти се намачиле да не' описменат, да ни дадат вера во еден Господ и оти ни кажале кои сме. А ги мразиме оти ни кажале кои не сме.

Ги сакаме денес за предци токму оние што не сме. Со кои никогаш не сме ни биле. Ги сакаме тие што не ги разбираме, од кои нема ни една семка, ни еден збор, ни прав, ни пепел, ги сакаме оти имаме комплекси дека се недостижни, оти се лажеме дека личиме на нив, оти сме несигурни во својот идентитет, оти мислиме како и нив дека ако сме од исти сој со Елините дека нема да бидеме варвари, дека од утре ќе бидеме поумни, нема веќе да се срамиме од себе, ќе бидеме побогати, пославни и ќе му покажеме на светот и на комшиите кој е кој. А, сироти ние, не знаеме дека и денешниот Грк со векови страда од истите комплекси и кошмари, сакајќи да лични на древните антички цареви и императори, сакајќи да личи на Александар Македонски и на татко му Филип Втори. А, во суштина, денешните Македонци и денешните Грци се мразат оти си личат меѓу себе, а ниту едните ниту другите не личат на ликовите од митовите што ги разубавиле, пораснале и обоиле во посветли бои уште големите антички склуптори и чудесните пишувачи на епови и историски панагирици. Сега ова се само кичерајски копии на некогашните ремек дела. Тука нема уметност. Само многу политика и тони бронза. Така Александар од метро и пол порасна на речиси 30 метри. И уште ќе расте. Сега во Грција комплексираните и шовинистите ќе направат уште поголем Александар. Колку поголема сиромаштија и криза, толку поголеми споменици. А и Букефал стана позначаен од обичен коњ, пославен и поумен. Заслужува, како Калигула што го прогласи својот коњ Инцитатус за римски сенатор, Груевски да го предложи Букефал за почесен претседател на македонскиот парламент. Подобро тој отколку некој немакедонец, што би рекле новите букефалисти.

Колку Александар Македонски е прататко на денешните Грци или Македонци. Ова исклучително глупаво прашање има употребна вредност на живот и смрт само во денешна Р. Грција и Р. Македонија и запалените глави на Грци и Македонци во дијаспората. Одамна потврдена и докажана историска вистина е дека современите нации - држави се формирани дури во 19 и 20 век. Ова сознание ги онеспокојува новите радикали и патриоти. Тие тој факт го отфрлаат со гнасење како комуњарска измислица. Не знаат колку е смешно и воедно тажно да се зборува за националната припадност на античките народи и империи. Цивилизациите пред Христа и цели 18 века по него не стасале до осознавањето за националната припадност според сегашните сфаќања на нацијата. Овој факт уште повеќе внесува конфузија во денешните клонирани антички глави податливи за манипулации. Затоа е многу штетно со политичка стимулација и интервенција во науката да се трага по пославно минато и да се бараат антички корени. Тоа е, вели Хобсбаум, најголемиот жив историчар во светот, како во училниците да делите опиум наместо образование. Новите историчари што се котат на ангро во вакви времиња не се возбудуваат многу што историјата не ја прифаќа нивната логика на размислување. Тие лесно наоѓаат нови докази за славното минато на своите народи со ДНК. Има институти што издаваат сертификати за вашето педигре какво што сакате. Со парче хартија за пет минути можете да станете антички Македонец, Илир, Словен, Византиец, Елин, внук на Александар или Цезар, потомок на Тутанкамон. Еве неколку примери од кои се ужасуваат необразованите екстремисти и тазе курсисти по историја. Дали, на пример, славниот император на Источното Римско Царство, Костантин Велики, роден во Наисус, денешен Ниш, е Србин, а Србија единствен наследник на Византија. Или по истата аналогија, дали Цезар, Октавијан, Помпеј и сите славни римски императори се Италијанци, а Италија единствен наследник на Западното Римско Царство. Дали Кеопс, Рамзес и Клеопатра се Арапи, дали Хектор и Ахил се Турци, дали Јустинијан е Македонец и, се' разбира, дали Александар е Македонец или Грк. Баталете се' од ќорава работа. Ќе закачите антички вирус што мора да се одболедува. Тоа е долг процес и нема друг лек, освен учење. Проблемот е што во Македонија, Грција и на Балканот тие што ги знаат работите добро, славните академици и учени дејци, одамна заседнале на Олимп и не им се симнува долу. Бесмртните мудреци како антички богови гледаат спокојно од олимписката височина и си молчат. Така како желките од Галапагос живеат поубаво и подолго. А и кога ќе кажат нешто, зошто да го вознемируваат царот и да си ставаат трн во ногата. Чуму толку возбуда и стрес за овоземни гајлиња и политичка папазјанија.

Ќе се вишнее Александар на скопскиот плоштад за навек. Тоа ќе биде наша замена и за Тито, и за Лазо, и за Душан Силни, и за Сулејман Величенствени и за Пиколомини, за крал Петар, и за цар Борис, и за Ванчо Михајлов, и за Тодор Александров, и за Глигоров, и за Трајковски, и за Црвенковски, и за Георгиевски, за Груевски и за тие по него, за сите знајни и незнајни јунаци, патриоти и преродбеници. Кога ќе ја одболедуваме антикоманијата, можеме да тргнеме кон европеизација. Проблемот е во тоа што таа хронична античка патологија трае со стотици години. Кај нашите соседи Грци антикоманијата наближува кон својата 200-годишнина. Некои велат многу повеќе. Веднаш откако ја курдисаа својата прва национална држава на темелите на ослабената и пред распаѓање Отоманска Империја почнаа и со истражувањето на грчкото наследство на целата античка историја и култура, на сите империи и царства почнувајќи од Персија, Египет, Источното и на Западното Римско Царство заедно со космосот. Открија дека се' е грчко ерга омнес. И Европа и земјината топка, сосе големата турли-тава на народите и вселената.

И конечно, Ако Александар Македонски не им припаѓа само на денешните Македонци и Грци, кому тогаш му припаѓа? Па на сите, но како културна оставнина, како што е случај кај сите стари империи и антички цивилизации што припаѓаат многу пошироко од денешните територии каде што се протегале. Во нивна слава и чест низ историјата, споменици граделе царевите, кралевите и диктаторите, кои се сметале за нивни наследници и рамни на нив. Така си е и кај нас денес.


#